По неполни четири месеци од нивната преррходна песна, нововозобновеното македонско поп дуо „Коктел“ имаат нова парче музика од својата понуда. Овој пат во духот на нивното име, Блаже Темелков и Стевче Грозданов ќе ве освежат со летен, музички „Коктел“ полн копнеж за љубов.
„Помисли на мене“ е насловот на новата песна која во многу нешта потсетува на ретро звукот на 80-ите и 90-ите, години кога и домашната и светската музика ги нижеше своите најголеми хитови, кои со текот на годините (о)станаа безвременски.
Така некако звучи и новата, трета по ред песна од возобневаната фаза на дуото „Коктел“, направена во реге - поп манир, зачинета со балкански шмек, што и дава поголема слушливост не само за оние кои ќе се потсетат на старите добри времиња, туку и на овие од помладата генерација на која „балканската музичка школа“ им е стил на живот и забава.
Како да е, во суштина е лесна, певлива летна тема, подобна за вртење на комерцијалните радија, која ќе ја разбие ултра модерната шема и збогати нивната плеј листа со нешто малку поинакво, а сепак подеднакво добро и слушливо. Не е рап, трап или ар ен би, ама затоа е „ретро бикини хит“!
Авторско - продуцентскиот тандем и изведбата остануваа исти: Блаже Темелков е автор на музиката и текстот, а ги пее и вокалните делници, додека Стевче Грозданов го изработил аранжманот и ги програмирал и отсвирел сите иснтрументи. Миксот и мастерингот сепак му биле доверени на Гореан Гешовски.
Со оваа нивна трета по ред песна откако решија да се реоформат, дуото „Коктел“ полека го меша својот „музички коктел од лесни ноти“ подготвувајќи го новиот материјал, кој заедно со некогашните „препеглани“ нивни хитови ќе биде добар „штоф“ за настапи кога за тоа ќе дојде вистинското време.
Во меѓувреме, помислете на своите сакани, поубави или посилни половини, а ако ги немате, побрзајте да ги најдете... Зашто летото е вистинскиот период за коктел од љубов, емоции, страсти, забава и авантура... „Помисли на мене“ и уживај со нова музичка коктел тура на дуото „Коктел“...
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата