Бетонизацијата на Скопје, надвор од пропис и надвор од јавниот интерес за загадувањето и екологијата на градот ја одобрија градоначалникот Петре Шилегов а денес и премиерот Зоран Заев откако отпрвин ја спореа градбата на бетонските солитери од по 80 метри но, потоа, овој богат проект најде начин да го смени нивниот став.

Како нашле аргументи богатите инвеститори да ги одоброволат Шилегов и Заев, согласно праксата, секому е јасно. Цената на предомислувањето сигурно не е мала. Инвеститорите дури платија ПР – да се објави изјавата на премеирот Заев по некои портали блиски до власта за да се влијае на јавното мислење, и со тоа корупцијата се комплетира.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија е против, побара да се води сметка за јавниот интерес. А јавниот интерес вели дека во центраот на Скопје загадувањето рапидно расте и со овие бетонски солитери, плус трговски центар меѓу нив, протокот на воздух станува минимален, а сообраќајот и загадувањето опасни по живот. Еколозите и експертите не го одобруваат ова.

Дебатата дали на таа локација ќе никнат „бетонски чудовишта“ или, пак, урбан зелен објект како што вели инвеститорот, се вжешти откако во неа, од една страна застанаа доминантен дел од јавноста особено во центарот на Скопје заедно со невладини организации и универзитетски професори во одбрана на јавниот интерес, а од друга страна, се вклучија инвеститорот МГ Фешн и жителите на Ново Маало во одбрана на приватниот интерес. Сопствениците на куќи во Ново Маало преговараат со инвеститорот да добијат станови во новите висококатници во замена за нивниот имот.

Државната комисија за борба против корупција се вклучи во оваа незаконска бетонизација на центарот на Скопје. Сметаат дека деталниот урбанистички план според кој оваа градба е предвидена не е во согласнот со Генералниот урбанистички план од 2012 година.

Според претседателката на Антикорупциската комисија, иницијативата до ЈО е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“, за 2012-2017 година, тогашните градоначалници, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање, овозможиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела.

Антикорупциската комисија, со иницијатива до Јавното обвинителство, бара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, како и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година.

Според ДКСК, овие лица, заедно со планерите и планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“, кој го опфаќа и земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“.

Доколлку оваа иницијатива Јавното обвинителство ја прифати, градбата мора да се одложи поради запирање на последици од извршено кривично дело кои, потоа, се непоправливи ако дејствието не се запре пред настанувањето.

Дали има законски начин да се запре бетонизацијата на Скопје?!

Јавноста е против оваа бетонизација на скопски центар. Радио слободна Европа побара одговор од експертите.

Малку законски опции се во игра за да се сопре изградбата на висококатници спроти скопскиот хотел „ Холидеј Ин“. Првата е суспензија на ДУП-от, а втора е Државното правобранителство да ја ревидира одлуката за продажба на државното земјиште во 2018 година, вели архитектката Даница Павловска.

Рокот за издавање на дозвола за градба на инвеститорот за проектот Гранд на локацијата спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје веќе почна да тече.

Со уплатата на комуналиите од 2,4 милиони евра кон општините Град Скопје и Центар на 10 април, почнува да тече рокот од две недели во кои градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, треба да ја потпише дозволата за градба. Во тој краток временски период малку законски опции се на маса за да се заштити јавниот интерес, велат упатените, кои додаваат дека по тој рок сите други опции може да предизвикаат и дополнителна штета врз буџетот.

Суспензија на ДУП

Една од законските опции што влегуваат во овој краток рок е градоначалникот да достави елаборати до Министерството за транспорт и врски со кој ќе почне постапка за суспензија на спорниот ДУП, вели советничката во Општината Центар Јана Белчева. Таа појаснува дека тие уште лани во декември биле изготвени, но не биле испратени до Министерство за транспорт и врски.

„Сето ова оддолговлекување на неиспраќање на елаборатите кои се веќе изготвени и се изготвени подолго време од стручните служби практично се искористило за купување време, малку за замајување на јавноста, за да дојде до одобрување на проектот, да се овозможи чист терен за издавање дозвола за градба“, вели Белчева.

Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти Даница Павловска смета дека и другите институции треба да се вмешаат во оваа постапка за продажбата и изградба на таа локација која е сомнителна по неколку основи и да покажат повеќе од само интерес.

„Министерот дава умерени изјави без да го осознае проблемот до крај, неинформирани политичари се неквалитетни политичари. Треба да има една спрега меѓу локалната и централната власт. Да не зборувам за Градот кој како субјект е најодговорен за вакво нешто и не е инволвиран ни во дискусиите и стои сосема на страна. Тотална неодговорност“, вели таа.

Таа смета дека Државното правобранителство треба да ја ревидира одлуката со која му овозможи на Министерството за транспорт и врски да го продаде државниот имот во центарот на Скопје спроти Холидеј Ин. Станува збор за согласност на државното правобранителство во 2018 година со кое се отвори патот за изградба на три висококатници во склоп на комплексот „Гранд“.

Павловска посочува дека одлуката на Правобранителството во 2018 година е донесена врз основа на нелегитимни документи, односно на нерасчистени имотно правни прашања поврзани со денационализација. Таа додава дека до сега требаше да реагира Државното правобранителство, но тоа не го сторија, па затоа треба и да се повикаат и на одговорност.

„Кој е тој што потпишува нешто што не смее, непроверено, штетно по државата, по јавниот интерес, продава земјиште кое не е со план предвидено такво нешто. Изводот од планот кој што е есенцијална информација за министерот да го продава земјиштето е лажен, не е тоа тоа, нема легитимен“, вели Павловска.

Таа додава дека клучна законска опција во ситуацијава е да не се спроведува план кој што нема легитимитет, затоа што со негово спроведување се прави кривично дело.

Според инвеститорите и архитектите на проектот „Гранд“, усогласувањето на деталниот со урбанистичкиот план е во надлежност на општината која досега имала доволно време во изминативе години да го стори тоа.

Ќе се бетонизира центарот на градот и ќе се задуши ли дополнитлено живеењето во Скопје, или ќе се спроведе законот и јавниот интерес?

Vecer.mk