logo
logo
logo

Владата нема решение

Експерти: ЌЕ ИМАМЕ ТЕШКА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА, владата нема ни план ни реализација

Vecer | 20.10.2021

Експерти: ЌЕ ИМАМЕ ТЕШКА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА, владата нема ни план ни реализација

​Ако се продолжи со оваа негрижа и непланско работење, а имаме долга студена зима за жал можни се и рестрикции на електрична енергија, вели во разговор за Фактор Сања Божиновска за порталот Фактор , енергетски консултант, советник за енергетика која моментно работи надвор од Македонија.

Вели дека државата задоцнила со решенијата за енергетската криза, а ги проблематизира и набавката на јагленот за РЕК Битола и активирањето на ТЕЦ Неготино која работи на мазут.

- Во каква ситуација се наоѓа во моментов Македонија, како се доведовме тука, ова од аспект на задоволување на потребите за струја и на домаќинствата и на компаниите?

Божиновска: Кога се зборува за енергетика, мора да се напомене дека тоа е стожерот на една држава и секогаш треба да се има јасно дефинирана долгорочна стратегија. Моменталната состојба е резултат на повеќе фактори кои влијаат, меѓу кои најважни се производните капацитети и планирање на производство на електричната енергија.

Општо познато е дека РЕК Битола е најголем енергетски капацитет кој ја снабдува Македонија со електрична енергија произведена од јаглен. Минатата година нашата влада одлучи да спроведе зелено сценарио до 2040, кое што значи искористување на обновливите извори на енергија и гаснење на РЕК Битола и укинување на овие работни места.

Тоа вака на хартија звучи одлично, меѓутоа еве сме октомври, не дошла ни вистинската зима, а ние сега распишуваме тендер за набавка на милион тони јаглен. Истотака управувањето со нашиот хидро потенцијал во последниот период е катастрофален, како и објавените продажби на вишоци на електричната енергија од страна на ЕСМ.

На ова исто така влијае и неизвршување на предвидените ремонти, како и негрижата за рудниците и залихите на јагленот.

За жал повеќе фактори и подолг временски период несовесно управување со енергетскиот систем не доведоа во оваа ситуација. Затоа ситуацијата во моментов на нашиот електроенергетски систем е катастрофална.

Причини кои доведоа до тоа се повеќе, но една е константна која ги поврзува сите – поставување партиски кадри на витални места во сите енергетски компании кои апсолутно не можат да се носат со проблемите во работењето.

Понатаму донесени регулативи со кои тотално неодговорно се потрошија акумулациите. На пример од 1 јануари 2020 година значи скоро две години заради тогаш донесените акти за работење на секундарната и терцијарната регулација од страна на РКЕ се потроши непотребно огромна количина од водата во акумулациите.

Од друга страна,  во време кога цените на струјата на берзите беа најниски, ЕЛЕМ неколку лета по ред продаваше електрична енргија од хидропотенцијалот. Не видовме анализа колку била хидро а колку термо. Ама затоа денес влегуваме во зимска сезона со најминимални коти на хидроцентралите – 60.000 мегаватчасови.

Понатаму лошата и непланска експлоатација на рудниците предизвика на депонијата на РЕК Битола да имаме минимални резерви на јаглен од само 10.000 тони за работа на еден блок неколку дена. Така ние како држава влегуваме тотално неподготвени во престојната зимска сезона што никогаш не било претходно.

Што се однесува до струјата за домаќинствата, тоа е одржување на социјалниот мир. ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН за цена од 36,10 евра за Мегават час. За споредба, моменталната цена на релевантната берза за електричната енергија за 19 октомври е 242,61 Евра (базна енергија).

Тоа значи дека државата свесно ја продава својата енергија за дампинг цена, меѓутоа со непрофесионално управување на ресурсите производството се намалува констатно и прашање на време ќе биде до кога ова ќе биде одржливо. Да не заборавиме, ДДВ-то е намалено меѓутоа и тоа е краткорочно решение.

- Значи, велите, набавката на јаглен за РЕК не е солиден одговор за кризата?

Божиновска: На депонијата за јаглен во термоцентралата моментално има околу 10.000 тони јаглен што не е доволно ниту за еден ден работа на РЕК Битола.

Значи состојбата со рудникот за јаглен во РЕК Битола е лоша. Во техничко технолошка смисла рудник во РЕК Битола практично нема. Технички главната рударска опрема – багерите се во дефект и уште поплавени од дневните врнежи на дожд. Практично нема ископ на јаглен.

Нема ниту откривка на јаловина за ископ на јаглен. Дневно се носат едвај 3.000 тони јаглен во кој има повеќе земја отколку јаглен. Новата опрема и камиони кои неодамна се купија стојат неупотребени. А пред почетокот на зимата се распишува тендер за набавка на јаглен за чиј транспорт ќе е потребно 1.000 камиони дневно за да се испорача што секако ќе има реперкусии на воздухот во Битола и Пелагонија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk