„Денешните разговори штотуку завршија. Ќе продолжат утре наутро“, се вели во соопштението.
Досега не се објавени информации за резултатите од првиот ден од разговорите, објавува „Укринформ“. Средбата зад затворени врати траеше речиси четири часа, објавува РИА Новости, повикувајќи се на извор запознаен со разговорите.
Средбата започна во 12:12 часот по локално време и се одржа со една кратка пауза.
На почетокот од разговорите, шефот на руската делегација, Владимир Медински, изрази надеж дека разговорите ќе овозможат напредок кон мирно решавање на конфликтот во Украина.
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Џаред Кушнер, објави дека разговорите нема да се фокусираат само на завршување на конфликтот, туку и на идната безбедносна архитектура на Европа.
Руската делегација ја предводи Медински, додека американската страна, покрај Кушнер, ја претставуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа Алексис Гринкевич.
Украинската делегација ја предводи шефот на Службата за надворешно разузнавање Рустем Умеров, а во неа се и шефот на кабинетот на украинскиот претседател Кирил Буданов, лидерот на парламентарната група на партијата „Слуга на народот“ Давид Арахамија, заменик-шефот на претседателската администрација Сергеј Кислица и заменик-шефот на Главната дирекција за разузнавање на украинското Министерство за одбрана Вадим Скибицки.
Меѓу клучните приоритети на преговорите се прекин на непријателствата, сигурни безбедносни гаранции за повоениот период, економската обнова и развој на Украина, како и хуманитарните прашања.
САД посредуваат во работните преговори меѓу Украина и Русија, кои се одржуваат на 10 и 11 ноември во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.
Според претходните најави, клучните теми на разговорите вклучуваат прекин на непријателствата, безбедносни гаранции за Украина по војната, економска обнова на земјата и хуманитарни прашања. Претходни разговори во сличен формат беа одржани на почетокот на февруари. Пред трилатералниот состанок во Абу Даби, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со специјалните претставници на американскиот претседател Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата