Иако забраната за полетување е укината, хаосот не завршува. Последиците ќе се чувствуваат и во наредните денови, откако синоќа пет часа беа приземјени сите авиони на аеродромите, а кон леталата кои сообраќаа се постапуваше индивидулно.
Над 9.000 летови беа одложени и повеќе од 5.000 откажани. Aвиокомпаниите се обидуваат да го вратат нарушениот распоред. Властите отфрлија можност дека се работи за сајбер напад. Појаснија дека станува збор за голем технички дефект во системот за контрола на воздушниот сообраќај.
,,Ова е нашиот стар аналоген ТДМ-систем, кој беше преоптоварен со податоци, поради што почнаа да се појавуваат овие проблеми. Овој систем беше користен во нашите ТРАКОН-центри и во контролните центри низ целиот Национален систем на воздушен простор (НАС). Сега дел од системите во ТРАКОН-центрите и контролните центри се надградени и функционираат дигитално.,, – Шон Дафи, министер за транспорт на САД
И додека американските власти најавуваат модернизација на системот, авиоаналитичарите предупредуваат дека застарената инфраструктура и натаму претставува сериозен проблем, а ризикот од нови прекини останува.
,,Очекувам ваквите проблеми да се повторуваат и во иднина. Сметам дека тоа ќе биде поврзано со несоодветната инфраструктура со која располагаме, додека трае процесот на нејзино развивање и модернизирање, со цел да се доведе на ниво на технологијата на 21 век и понатаму,,
Додека авиокомпаниите се обидуваат да го нормализираат сообраќајот, патниците и натаму се соочуваат со доцнења и неизвесност.
,, Утрово добивме известување дека нашиот лет ќе доцни два часа, па сега чекаме тука. Веќе два часа сме овде и сè уште не добивме никакви информации,,
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп побара забрзана модернизација на системот за контрола на воздушниот сообраќај. За таа цел, неговата администрација побара дополнителни 30 милијарди долари од Конгресот, со цел да се спречат слични прекини во иднина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата