logo
logo
logo

Во Оман почнаа американско-иранските преговори

Vecer | 06.02.2026

Во Оман почнаа американско-иранските преговори

Агендата на преговорите е непозната агендата. Иран се обидува да ги ограничи преговорите на нуклеарната програма и на санкциите, а САД сакаат да разговараат и за ракетната програма на Техеран и неговата поддршка за Хамас во Појасот Газа, за Хезболах во Либан и за Хутите во Јемен.

Американскиот државен секретар Марко Рубио пред два дена изјави дека двете страни изразиле подготвеност за обновување на дипломатскиот дијалог за долгогодишниот спор за нуклеарната програма на Иран.

Арагчи денеска на платформата „Икс“ објави дека „Иран го почнува дипломатски дијалог со отворени очи и без да ја заборави изминатата година“ алудирајќи на минатогодишните американски и израелски напади врз иранските нуклеарни постројки.

- Преземените обврски мора да се исполнат. Ветувањата мора да се исполнат. Рамноправноста, меѓусебното почитување и реципроцитетот на интересите не се празни фрази, туку неотповикливи услови што мора да бидат вградени како основни принципи во секој иден договор за да биде траен - објави Арагчи на „Икс“.

И покрај декларативните заложби на двете страни за дијалог, продолжува распоредување на оружјето, а изминатите дена регистрирани се и мали провокации. САД уште од почетокот на годината распоредија бродови на Блиски Исток, а американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го нападне Иран ако Техеран не ги запре репресиите врз демонстрантите и ако иранските власти не се вратат на преговарачката маса за нуклеарната програма. Иран соопшти дека ќе одговори на секој воен напад и ги предупреди дека соседните држави во кои има американски бази би можеле да бидат цел.

Иран вчера во Персискиот Залив заплени два странски танкера и приведе 15 члена на екипажот обвинувајќи ги дека шверцувале гориво. Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) вчера првпат распореди под земја новата балистичка ракета со среден дострел „Корамшахр 4“.

Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, синоќа изјави дека претседателот Доналд Трамп со нетрпение ги очекува американско-иранските разговори во Оман за да утврди дали е можен договор со Исламската Република.

- Додека се водат овие разговори, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот, како врховен командант на најмоќната војска во историјата на светот, има многу опции на располагање надвор од дипломатијата. Дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот кога станува збор за справување со земјите ширум светот, без оглед дали се наши сојузници или наши противници, наведе Левит.

Таа додаде дека Трамп бил многу јасен во барањата кон Иран – „нулта нуклеарна способност“.

Оман и минатата година посредуваше помеѓу Иран и САД во нуклеарните разговори, кои беа прекинати во јуни откако Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки, а набрзо се приклучија и американските сили.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk