Шпанската полиција запленила околу 1,5 тони кокаин во местото А Побра до Карамињал, на брегот на северната покраина Галиција, а меѓу тројцата уапсени има и хрватски државјанин, објави локалниот весник „Ла Воз де Галиција“.
Кокаинот бил пронајден во објект на имот недалеку од морето, каде според досегашните резултати од истрагата бил привремено складиран.
Галицискиот брег со години е познат како една од важните точки за внес на кокаин во Шпанија преку Атлантикот од Јужна Америка.
Истражителите во последните години регистрирале и соработка меѓу локални криминални групи и лица од земјите на поранешна Југославија, меѓу кои Црна Гора, Србија и Хрватска. Поради тоа сега се проверува дали и во овој случај е вклучена некоја криминална структура од Балканот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата