Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги негираше наводите дека е подготвен да му понуди на Иран ублажување на санкциите и одмрзнување на замрзнатите средства во замена за одредени отстапки поврзани со нуклеарната програма.
Аксиос“, повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека администрацијата на Трамп разгледува таква понуда, додека Трамп во објава на својата платформа „Трут соушл“ (Truth Social) изјави дека тоа „не е точно“ и оти тој „не понудил ништо“ на Иран.

Наводите за можно економско олеснување се појавија во време кога посредници од Катар и Пакистан се обидуваат да посредуваат во преговорите меѓу САД и Иран. Двете страни остануваат на спротивставени ставови за клучните прашања: Иран сака преговорите да се фокусираат на Ормускиот Теснец и на поморската блокада од страна на САД, додека Вашингтон бара отстапки во врска со иранската нуклеарна програма.
Посредниците се сретнаа со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Њујорк за да разговараат за предлогот на Катар, а се очекуваат и разговори со претставници на администрацијата на Трамп. Американски претставник запознаен со индиректните разговори изјави дека тие биле „позитивни и конструктивни“ и оти Иран покажал флексибилност во однос на нуклеарните прашања, но нагласи дека сè уште постојат несогласувања, вклучително и околу временската рамка за исполнување на обврските и тоа која страна треба прва да преземе одредени чекори.
Истиот функционер изјави дека САД нема да постигнат договор сè додека не се решат прашањата поврзани со нуклеарната програма и дека Вашингтон бара уверувања оти Иран сериозно пристапува кон преговорите. Сепак, Трамп во објава на „Трут соушл“ (Truth Social) ги отфрли тврдењата на „Аксиос“, нарекувајќи ги „измама“, и побара од порталот да го повлече текстот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата