Доналд Трамп во заедничкото обраќање со Си пред новинарите во Белата куќа изјави дека, работејќи заедно, САД и Кина постигнале „огромен напредок во прашањата со кои се соочуваат двете земји“, пренесува Си-ен-ен.
Тој додаде дека двете земји работат на „побалансиран трговски однос“, вклучително и преку „нов пристап до пазарот за американските земјоделци и сточари“.
„Заеднички одлуки кои би можеле да ги унапредат мирот и просперитетот во наредните децении“
Трамп рече дека со кинескиот претседател ќе разговараат за важни прашања поврзани со „безбедноста, технологијата и суперинтелигенцијата“, односно вештачката интелигенција, и дека одлуките што денес ќе бидат донесени во овие области можат да придонесат за „мир и просперитет во децениите што следуваат“.
„Нашите земји всушност работат на иста работа и многу сме горди на тоа, како и на нашиот однос“, истакна Трамп.
Трамп спомна и дека американските маринци го презеле изразот „гунг-хо“ од Кина, за кој рече дека на кинески значи „да работиме заедно“.
Тој заклучи дека тој и кинескиот претседател ќе продолжат да соработуваат.
„Мојата посета е чекор кон продолжување на пријателството и проширување на соработката“
Си во своето обраќање рече дека и Кина и САД се големи земји со големи народи и дека неговата посета на Вашингтон претставува чекор кон продолжување на пријателството и проширување на соработката меѓу двете земји.
На заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, тој изјави дека Кина и САД, како две големи сили, имаат историска одговорност за унапредување на човековиот развој и напредок, пренесува Си-ен-ен.
Тој додаде дека е подготвен да соработува со Трамп за односите меѓу Кина и САД да ги насочат кон стабилна иднина, споредувајќи ги со „џиновски брод“, и истакна дека двете земји треба да ја зајакнат меѓусебната комуникација.
„Кина и САД се различни, но преку искрен, темелен и континуиран дијалог, нашите две земји можат подобро да се разберат и да изградат меѓусебна доверба“, истакна кинескиот лидер.
Додаде дека тој и Трамп имаат „взаемна почит“ и дека се во постојан контакт.
„Треба искрено да соработуваме“, порача Си Џинпинг, оценувајќи дека интересите на двете земји се „длабоко испреплетени“.
„Без соработка меѓу САД и Кина, многу светски проблеми тешко се решаваат“
Си Џинпинг рече дека постои голем простор за соработка и дека, иако соработката меѓу двете земји „можеби нема да го реши секој проблем во светот“, без неа би било тешко да се решат многу светски прашања.
Тој додаде дека се надева оти кон „кинеските компании овде во САД ќе се постапува праведно“.
Истакна дека и САД и Кина имаат одговорност да развиваат вештачка интелигенција (АИ) за општо добро, да обезбедат таа да остане под човечка контрола и да служи во корист на луѓето.
Според него, Пекинг е подготвен за трговска соработка со Вашингтон, а конкуренцијата меѓу двете земји треба да биде „здрава“ и да претставува натпревар во меѓусебното унапредување, а не борба во која се одредува победник или губитник.
Си Џинпинг се потсети и на периодот кога кинеските и американските војници се бореле „рамо до рамо против фашистичката агресија“.
„Кинескиот народ никогаш не го заборавил тој дел од историјата, како ни американскиот народ“, рече Си Џинпинг.
„Обновата на кинеската нација и повторното правење на Америка голема можат да одат рака под рака“
Си ги повика 100.000 млади Американци да ја посетат Кина во рамки на програмата за студентска размена во текот на следните пет години.
Зборувајќи за пријателството меѓу Пекинг и Вашингтон, Си Џинпинг рече дека две панди ќе ги пречекаат Американците во својот нов дом во зоолошката градина во Атланта, додавајќи дека подарувањето панди отсекогаш било симбол на кинеското пријателство.
Си Џинпинг истакна и дека остварувањето на „големата обнова на кинеската нација“ и „повторното правење на Америка голема“ можат да одат рака под рака.
„Да ги исполниме очекувањата на народите и да покажеме историска иницијатива, да продолжиме да го унапредуваме пријателството меѓу нашите два народа и заедно да работиме на изградба на подобар свет“, нагласи кинескиот претседател.
Тој изрази задоволство што престојува во „прекрасните“ Соединети Американски Држави и ѝ ја честиташе на земјата 250-годишнината од независноста, која се одбележува оваа година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата