Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Европа се согласила „веднаш“ да ослободи дел од своите резерви на дизел, додека тој и неговата Републиканска партија се соочуваат со притисок да реагираат на вртоглавиот раст на цените пред ноемвриските избори за Конгресот.
Трамп ја објави одлуката на социјалните мрежи без да прецизира кои земји ќе ги ослободат резервите или за кои количества станува збор. „Европа штотуку се согласи да ослободи огромно количество од своите големи резерви на дизел гориво. Процесот ќе започне веднаш“, напиша тој.
.jpg)
Опаѓање на популарноста на Трамп и раст на цените на горивото
Популарноста на претседателот опаѓа бидејќи војната со Иран и неговите трговски конфликти ги зголемуваат цените на нафтата и другите суровини во САД.
Цените на горивото во САД и во странство нагло пораснаа за време на осуммесечната војна, а Трамп постојано изјавуваше дека плаќањето на таква цена е оправдано за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Трамп тврди дека цените ќе паднат штом ќе заврши војната, иако засега не се гледа крај на конфликтот.
Просечната цена на галон (3,785 литри) дизел во САД денес изнесуваше 6,37 долари, според податоците на Американската автомобилска асоцијација (AAA), откако на 22 септември достигна рекордно ниво од 6,52 долари.
Одржани серија состаноци
Трамп разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон – кој моментално претседава со Г7 – за потребата да се решат проблемите со растот на цените на горивото и достапноста на нафтените деривати. Потоа, Макрон претседаваше со видеоконференција на лидерите на Г7 за да се разговара за ова прашање.
Новите информации доаѓаат откако земјите од Европската унија денес разговараа за француски предлог според кој европските земји би ослободиле 50 милиони барели дизел од стратешките резерви, додека членките на Меѓународната агенција за енергетика би ослободиле дополнителни 50 милиони барели сурова нафта.
Трамп ја оцени својата работа на полето на економијата со највисока оценка (А+)
Новата анкета на „AP-NORC“ покажа дека мнозинството возрасни Американци го сметаат Трамп за одговорен за високите цени, додека поддршката за начинот на кој тој ја води економијата падна на ново најниско ниво.
Трамп е сè повеќе фрустриран од она што го доживува како несовпаѓање меѓу неговите постигнувања и начинот на кој јавноста ја оценува неговата работа. Оваа недела тој на својата работа на полето на економијата си даде оценка „А+“, но нагласи: „Исклучително лошо стоиме со промоцијата.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата