Ќе се разговара за војните во Иран и во Украина кои се во критична фаза.
Средбата со Нетанјаху ќе биде прва по почетокот на војната со Иран, која предизвика тензии меѓу двајцата лидери. Се очекува разговорите да бидат фокусирани на Иран, безбедносната состојба на Блискиот Исток, Појасот Газа и можностите за обновување на дипломатските напори.
Трамп и Нетанјаху ќе разговараат и за спроведувањето на договорот меѓу Израел и Либан, како и за нормализација на односите меѓу Израел и арапските држави.
Украинскиот претседател Зеленски ќе се обиде да обезбеди продолжување на американската поддршка за Украина, во услови на интензивирани руски воздушни напади и застој на мировните иницијативи.
Иако администрацијата на Трамп ги намали директните испораки на оружје за Киев, САД и натаму остануваат еден од најважните партнери на Украина, обезбедувајќи разузнавачка поддршка, како и пристап до сателитскиот систем Старлинк.
Средбите се следат со големо внимание бидејќи би можеле да дадат насоки за идната американска политика кон двете најголеми актуелни меѓународни кризи – војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата