logo
logo
logo

Спор околу Сеута: Шпанската опозиција бара распоредување на морнарицата

Vecer | 16.10.2026

Спор околу Сеута: Шпанската опозиција бара распоредување на морнарицата

Неговото барање доаѓа како одговор на непотврдени извештаи дека марокански патролен брод претходниот ден навлегол во водите на шпанската енклава. Како лидер на опозицијата, Феихоо му се спротивставува на актуелниот социјалистички премиер Педро Санчез на предвремените избори закажани за 29 ноември, пренесува „Политико“.

„Честите упади на Мароко во шпанските води не се изолирани инциденти, туку модел на агресија што бара одлучен одговор. Распоредете ја морнарицата. Повикајте го мароканскиот амбасадор. Повлечете го нашиот амбасадор од Рабат на консултации и побарајте објаснувања од највисоките нивоа на мароканската влада“, напиша Феихоо во петокот на платформата „X“. Својата објава ја заврши со пораките: „Шпанија не е на продажба. Шпанија се брани“.

Неговото барање е дел од поширока низа критики упатени кон владата на Санчез. Тензиите се зголемени од крајот на јули, кога повеќе од 70.000 мигранти пристигнаа во Сеута, шпанска енклава на границата со Мароко. Во последните месеци, министрите за внатрешни работи од земјите-членки на Европската унија постојано повикуваат на спроведување построги миграциски политики низ целата Унија.

Непотврден инцидент во водите кај Сеута

Повикот на Феихоо уследи по непотврдени извештаи дека марокански патролен брод во четвртокот поминал неколку часа во шпанските води крај брегот на Сеута. Шпанската Граѓанска гарда ги демантираше овие тврдења. Слични наводи за навлегување на марокански воени бродови во шпанските води се појавија и во јули.

Во средата, портпарол на Европската комисија изјави за шпанската новинска агенција ЕФЕ  дека „шпанските и мароканските власти треба да ги разјаснат фактите“.

Зголемени тензии и кралска посета

Вчера во Брисел, Феихоо присуствуваше на самитот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и неговата Народна партија (ПП). Според мадридското издание на „Политико“, во завршната декларација на Европската народна партија (ЕНП) остро се критикува шпанската влада поради кризата во Сеута. Конзервативците најавија дека, доколку дојдат на власт по изборите, ќе спроведат мерки за ограничување на имиграцијата.

„Цела Европа мора да го признае неуспехот на шпанската влада и да изврши неопходен притисок за да се спречи оваа криза да се вкорени, да се прошири или да се повтори“, напиша Феихо во авторски текст претходно овој месец. Тензиите околу Сеута и Мелиља – кои Мароко ги смета за свои окупирани територии – се засилуваат.

Анкета објавена од „Политико“ оваа недела покажува дека 58 отсто од испитаниците сметаат оти е веројатен вооружен судир меѓу Мадрид и Рабат во текот на следната деценија. Шпанскиот крал Фелипе VI, исто така, оваа недела ги посети овие енклави – посета која беше оценета како историска.

При таа пригода, тој изјави: „Сеута и Мелиља се неотуѓив дел од политичката и националната реалност на Шпанија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја не се предмет на преговори“. Последната посета на шпански монарх на овие територии се случила во 2007 година, кога поранешниот крал Хуан Карлос I ги посетил Сеута и Мелиља за време на дипломатски спор со Мароко.

Извор: Индекс.хр

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk