Резултатите од тестот беа објавени по проширената контрола на квалитетот на водата, започната по смртта на 34-годишен маж, за кого беше потврдено дека е заразен со амебата Naegleria fowleri.
Заштитни бариери и предупредувачки знаци
Амебата е пронајдена во езерото во близина на трговскиот центар Плаза Ла Исла, во источните и главните езера на комплексот Кабо Норте, како и во езерата Сентенарио, езерото Гран Парке Ла Планча и еколошкиот парк Пониенте, објавува списанието Јукатан.
Здравствените власти наредија поставување заштитни бариери и предупредувачки знаци, додека контактот со водата ќе биде забранет сè додека езерата не ги исполнат пропишаните санитарни услови и лабораториските анализи не потврдат дека се безбедни.
Парковите и зоолошките градини остануваат отворени за посетители, но пристапот до водата е забранет на шест локации каде што е откриена амебата.
Според здравствените власти, инфекцијата на човекот кој почина во септември е потврдена од националната референтна лабораторија InDRE.
Според извештаите на локалните медиуми, човекот работел како инструктор за вејкбординг на езерото во близина на трговскиот центар Плаза Ла Исла.
Голтањето вода не предизвикува инфекција
Поради случајот, здравствениот надзор вклучувал 361 лице кои престојувале на локацијата.
Амебите од родот Naegleria главно живеат во топла слатка вода. Видот Naegleria fowleri може да предизвика ретка, но исклучително опасна инфекција на мозокот, позната како примарен амебен менингоенцефалитис.
Инфекцијата се јавува кога контаминираната вода ќе стигне до мозокот преку носот. Голтањето на водата не предизвикува инфекција, а болеста не се пренесува од човек на човек.
Според американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), повеќе од 97 проценти од луѓето заразени со Naegleria fowleri не преживуваат, иако болеста е исклучително ретка.
Помалку од десет случаи се пријавуваат годишно во Соединетите Американски Држави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата