Изградбата на мост меѓу Северна Кореја и Русија официјално треба да ја олесни економската соработка и туристичката размена, но според истражувањето на украинската организација „Truth Hounds“, неговата вистинска намена би можела да биде сосема поинаква.
Според истражувачите, мостот би можел да биде дел од стратешката воена инфраструктура. Мостот преку реката Тумен, кој ќе го поврзува рускиот град Хасан на далечниот исток на земјата со севернокорејскиот град Туманганг, ќе биде првата патна врска меѓу двете земји.
Според весникот „Гардијан“, Пјонгјанг веќе го завршил својот дел од проектот, додека работите на руската страна привремено забавиле, но објектот е речиси готов.

Истражувањето на „Truth Hounds“ укажува на тоа дека, спротивно на тврдењата на Москва и Пјонгјанг, мостот можеби не е наменет за поттикнување на трговијата, туку за воспоставување дискретен воен логистички коридор.
Како што потсетува „Гардијан“, ниту руските ниту севернокорејските власти не ја криеја изградбата на мостот. Тие тврдеа дека целта на проектот е проширување на соработката во трговијата и туризмот.
За ова зборуваа рускиот министер за транспорт Андреј Никитин, како и севернокорејската државна новинска агенција KCNA, наведувајќи дека новиот премин ќе придонесе за развојот на пограничните области.
Изградбата на мостот се проценува на повеќе од 100 милиони долари, додека вкупната трговска размена меѓу двете земји во текот на 2024 година изнесувала само 34 милиони долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата