Иднината на војувањето би можела да изгледа драстично поинаку, а Кина веќе ја разгледува можноста хуманоидни роботи да станат дел од воените операции. Анализа на „Ројтерс“, која опфатила повеќе од 100 кинески воени тендери, научни трудови, патенти, официјални публикации и материјали од одбранбената индустрија, покажува дека кинеските воени институции забрзано го зголемуваат интересот за оваа технологија. Според документите, во 2025 и 2026 година се засилило истражувањето на сценарија во кои хуманоидните роботи би можеле да се користат во урбани борби, за извидување, но и за навлегување зад непријателските линии, што отвора ново поглавје во развојот на воената технологија.
Едно од сценаријата разработено од истражувачи на Националниот универзитет за одбранбена технологија предвидува роботи да дејствуваат заедно со војници при преземање згради. Тие би се движеле кат по кат и просторија по просторија, а опремата потребна за вакви операции се проценува дека би можела да биде достапна во период од пет до десет години.
Во друга воена вежба хуманоидните роботи имале задача да навлезат зад непријателските линии, да го мапираат просторот и да пронајдат цели. Кинеските воени истражувачи ги разгледуваат и за патролирање, обезбедување воени објекти, извидување и извршување опасни задачи.
Кина има силна основа за развој на ваквата технологија. Кинеските производители учествувале со околу 95 проценти од глобалните испораки на хуманоидни роботи во 2025 година, според податоци на BofA Global Research наведени од „Ројтерс“.
Технологијата сè уште има сериозни ограничувања поврзани со потрошувачката на енергија, сигурноста и функционирањето во непредвидливи услови. Во моментов нема докази дека кинеската армија веќе располага со вооружени хуманоидни роботи распоредени во оперативни единици. Кинеското Министерство за одбрана претходно порача дека оружјето управувано со вештачка интелигенција треба да остане под човечка контрола.
Фотографијата е креирана со помош на АИ
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата