Северна Кореја вчера тестираше ново оружје со „ултрамодерна одбранбена технологија“, а тестирањето го надгледуваше лидерот Ким Џонг Ун, кој го пофали напредокот во зајакнувањето на воената подготвеност на земјата, објави „Ројтерс“.
Ким изјави дека тестирањето, спроведено од севернокорејската Управа за ракети, покажало значително унапредување на воените способности на земјата.
„Непријателот подобро ќе разбере што значи таквиот напредок без никакво дополнително објаснување“, рече Ким.
Ким додаде дека „успешното тестирање“ ќе му зададе на „непријателот неизлечива главоболка и многу суров и неизбежен удар“.
Тој не прецизираше за каков вид оружје станува збор. Ким го надгледуваше тестирањето заедно со својата малолетна ќерка.
Според „Ен-кеј њуз“, веб-страница со седиште во Сеул која специјализира за Северна Кореја, новото оружје изгледа како унапредена верзија на ракета опремена со хиперсонично лизгачко летало.
Хиперсоничните ракети се меѓу оружјата за кои Ким побарал да се развиваат со цел унапредување на нуклеарните способности на земјата.
Тестирањето доаѓа неколку дена откако Пјонгјанг ги обвини САД дека ги зголемуваат тензиите на Корејскиот Полуостров со серија воени вежби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата