Италијанскиот Сенат го усвои законот со кој се отвора патот за враќање на нуклеарната енергија во земјата, речиси четири децении откако катастрофата во Чернобил придонесе Италија да се откаже од својата нуклеарна програма.
Законот во Горниот дом на парламентот беше усвоен со 81 глас „за“, 51 „против“ и седум воздржани.
За владата на премиерката Џорџа Мелони, ова претставува важен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и исполнување на климатските цели, иако изградбата на нови нуклеарни реактори е сè уште со години далеку.
Законот претходно беше усвоен и во Долниот дом, а со него се воспоставува правна рамка за нуклеарните технологии од новата генерација. Владата сега ќе има рок од 12 месеци да донесе подзаконски акти со кои ќе се регулираат лиценцирањето на реакторите, безбедносните стандарди, управувањето со радиоактивниот отпад и критериумите за избор на идните локации.
Со денешното гласање Италија го започнува процесот на враќање кон нуклеарната енергија, која граѓаните двапати ја отфрлија на референдуми – првпат по катастрофата во Чернобил во 1986 година, а вторпат по несреќата во Фукушима во 2011 година.
Енергетската безбедност меѓу главните причини
Владата на Мелони како главни причини за враќањето на нуклеарната енергија ги наведува зголемената побарувачка за електрична енергија, климатските цели и енергетската безбедност, која дополнително дојде во фокус по руската инвазија врз Украина.
Наместо повторно активирање или изградба на големи традиционални нуклеарни централи, владата се насочува кон мали модуларни реактори, познати како СМР, како и кон други напредни технологии.
Застапниците на овие технологии тврдат дека малите модуларни реактори се побезбедни, пофлексибилни и побрзи за изградба. Сепак, усвоениот закон не дава директно одобрение за изградба на реактори, туку создава регулаторна основа за предлагање, проценка и одобрување на идните проекти.
Италија некогаш беше една од водечките нуклеарни сили во Европа и имаше четири активни реактори. По референдумот во 1987 година, нејзината нуклеарна програма практично беше прекината.
Оттогаш земјата во голема мера се потпира на увоз на енергија и е меѓу најголемите европски потрошувачи на електрична енергија произведена во нуклеарни централи во соседните земји.
Владата проценува дека побарувачката за електрична енергија значително ќе се зголеми во следните години поради поголемата електрификација на домаќинствата, индустријата и транспортот, но и поради ширењето на центрите за податоци и други технологии со висока потрошувачка на енергија.
Поддршката е најголема кај младите
Одлуката доаѓа во време на поширока европска дебата за улогата на нуклеарната енергија во намалувањето на емисиите на јаглерод и зависноста од увозни фосилни горива.
Земји како Франција и Полска веќе инвестираат во нови нуклеарни проекти или планираат значително проширување на постојните капацитети.
Во меѓувреме, се чини дека се менува и ставот на италијанската јавност. Истражување на агенцијата „Онли Намберс“ од јуни 2026 година покажало дека околу 55 отсто од Италијанците ги поддржуваат нуклеарните централи од новата генерација. Поддршката е најизразена кај помладите генерации, кои немаат директно сеќавање на катастрофата во Чернобил.
Сепак, до изградбата на нови реактори има уште голем број пречки. Италија сè уште нема трајно национално складиште за радиоактивниот отпад од својата поранешна нуклеарна програма. Поради тоа, отпадот и понатаму се чува во привремени објекти на повеќе локации низ земјата.
Се очекува и отпор од локалните заедници кон идните проекти за изградба на реактори и локации за складирање на радиоактивен отпад.
Енергетски аналитичари, пак, ја доведуваат во прашање економската исплатливост на нуклеарната енергија и предупредуваат на високите трошоци за изградба. Дополнително, во Европа сè уште нема комерцијално докажани мали модуларни реактори кои работат во целосен погон.
Според проценките на индустријата, еден мал модуларен реактор со капацитет од 300 мегавати би чинел меѓу три и шест милијарди евра, без дополнителните трошоци за инфраструктурата и електроенергетската мрежа.
Новите реактори сè уште се далечна иднина
Микеле Говернатори, висок советник за енергетика во Институтот ЕКО, го поздрави воспоставувањето на регулаторната рамка, но смета дека таа воедно би можела да покаже дека интересот на приватниот сектор за нови нуклеарни проекти е ограничен.
„Воспоставувањето регулаторна рамка е позитивно, но истовремено јасно ќе покаже дека приватните инвеститори немаат голем интерес за технологии кои денес не се конкурентни или сè уште не се подготвени за примена, како што се малите модуларни реактори“, изјави тој.
Говернатори додава дека Италија треба да се фокусира и на мерки кои се веќе достапни за намалување на трошоците за енергија и зависноста од фосилните горива. Меѓу нив ги наведува енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, системите за складирање енергија и модернизацијата на електроенергетската мрежа.
Еколошките организации и опозициските партии веќе најавија отпор кон плановите на владата. Тие би можеле правно да ги оспорат идните проекти откако ќе бидат предложени конкретни локации за реакторите и складирањето на радиоактивниот отпад.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата