Во соопштението, Нобеловиот комитет изјави дека Мохамади била подложена на „сурово, нечовечно и понижувачко казнување, што е кршење на меѓународното право за човекови права“.
„Страдањето на Наргес Мохамади е уште еден мрачен пример за бруталната репресија на протестите во Иран, каде што безброј жени и мажи ги ризикуваа своите животи барајќи слобода, еднаквост и основни човекови права“, се вели во соопштението, како што објави Ројтерс.
53-годишната Мохамади, која постојано беше затворена во текот на три децении борба за правата на жените, минатата недела беше осудена на нова затворска казна од седум и пол години, соопшти нејзината група за поддршка.
Таа ја освои Нобеловата награда за мир во 2023 година додека беше во затвор за нејзината работа за унапредување на правата на жените и укинување на смртната казна во Иран.
Повикувајќи се на доверливи извори во Иран, Комитетот соопшти дека Мохамади била уапсена во декември додека присуствувала на погребот на адвокат за човекови права и била подложена на физичко малтретирање и континуирано вознемирување кое го загрозувало животот. Ирански обвинител во времето на нејзиното апсење им изјави на медиумите дека нобеловката Мохамади дала провокативни коментари за време на комеморацијата во североисточниот град Машхад и ги охрабрила присутните „да скандираат слогани што ги кршат нормите и го нарушуваат мирот“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата