Руската државна новинска агенција ТАСС го цитираше Собјанин, кој изјави дека 620 беспилотни летала полетале кон Москва и московскиот регион во периодот меѓу понеделникот навечер и 5 часот наутро во вторник по локално време, како и дека 180 летала биле уништени во регионот на главниот град.
– Службите за итни случаи работат на местата каде што паднале остатоците – изјави градоначалникот на Москва. Пред овие воздушни напади, најголемиот напад на Украина со беспилотни летала врз Москва и околината се случи минатиот викенд, меѓу саботата навечер и 6:30 часот наутро во неделата, кога Собјанин објави дека 600 летала полетале кон главниот град, а 201 биле уништени во московскиот регион.
Веста за масовниот напад стигна откако Русија ја обвини Велика Британија дека „намерно одлучила да ја ескалира кризата во Украина“, откако беше потврдено дека во нападите врз цели во Русија биле користени беспилотни летала од британско производство.

- Со тоа, Обединетото Кралство дејствува како соучесник и соизвршител на крвави злосторства и терористички напади. Потезите на Лондон неизбежно ќе донесат последици за кои тој ќе мора да одговара – се наведува во соопштението на руската амбасада во Велика Британија, при што е упатено и дополнително предупредување дека „колку подлабоко (Лондон) е вклучен во конфликтот, толку поголема цена ќе плати“.
Лондон: Стоиме рамо до рамо со Украина Портпарол на британското Министерство за одбрана изјави за Би-би-си дека Велика Британија стои „рамо до рамо“ со Украина. - Русија не треба да се сомнева во решеноста на оваа влада да ѝ се спротивстави на руската агресија – како во Украина, така и против Велика Британија и нашите сојузници – рече портпаролот во својата изјава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата