Меланија разговарала и со Путин и со Зеленски, Трамп ја испофали: Подобра е од професионалец (ВИДЕО)

Vecer | 25.10.2026

Меланија разговарала и со Путин и со Зеленски, Трамп ја испофали: Подобра е од професионалец (ВИДЕО)

Меланија Трамп навести дека може лично да отпатува во Украина, а воедно му се заблагодари и на папата Лав XIV за неговата поддршка, во услови на контроверзии околу улогата што ја играше поглаварот на Римокатоличката црква во преговорите за локален прекин на огнот, објавува „Њујорк пост“.

„Ќе видиме“, изјави првата дама на САД за „Њујорк пост“ во саботата, кога беше прашана дали би отпатувала во земјата разорена од војна, на што Доналд Трамп додаде:

„Тоа може да се случи“.

Меланија Трамп за прв пат јавно проговори за прекинот на огнот за кој тврди дека посредувала меѓу Русија и Украина, а кој се однесува на градот Олешки, кој се соочува со глад и хуманитарна катастрофа.

Првата дама откри дека разговарала и со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од нејзините активности.

„Разговаравме. Потпишавме договор“, откри таа.

Претседателот Трамп, кој се обидува да посредува во долгорочен прекин на огнот меѓу двете земји, рече дека неговата сопруга работи подобро од неговите официјални претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

„Таа е поуспешна од нашите професионалци“, рече Трамп, насмевнувајќи се.

Тој не ја исклучи можноста да ја испрати да се придружи на разговорите.

„Мислам дека таа во моментов работи подобро од професионалците. Таа има прекин на огнот. Станува збор за деца, луѓе и стари лица“, рече американскиот претседател.

Олешки, во регионот Херсон, е на работ на хуманитарна катастрофа. Градот, на околу пет милји од линијата на фронтот, има околу 2.000 жители, претежно деца и стари лица, кои се принудени да јадат трева за да преживеат.

Меланија Трамп ја изненади јавноста во петокот објавувајќи дека посредувала за локален прекин на огнот во градот, за да можат жителите да бидат евакуирани, а хуманитарната помош да може да стигне до оние на кои им е потребна.

Нејзиниот ангажман беше дочекан со меѓународни пофалби, но во саботата се појавија прашања за улогата на папата Лав XIV, откако беше објавено дека и тој разговарал со Зеленски и Путин, повикувајќи ги да се согласат на прекин на огнот. Неговите разговори се одржаа неколку дена пред првата дама да објави дека е постигнат договор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk