logo
logo
logo

Косио: Куба е подготвена на „смислен“ дијалог со САД, но не и за промена на уставниот поредок

Vecer | 05.02.2026

Косио: Куба е подготвена на „смислен“ дијалог со САД, но не и за промена на уставниот поредок

- Не сме подготвени да разговараме за нашиот уставен поредок, исто како што претпоставуваме дека САД не се подготвени да разговараат за својот уставен поредок, политички систем или економска реалност, наведе Косио.

Тој додаде дека Куба и САД сè уште не воспоставиле „билатерален дијалог“, но оти имало „одредена размена на пораки“, кои пристигнале до највисокото ниво на кубанската Влада.

Изјавата на Косио е во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Хавана за промена на режимот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио пред неколку дена изјави дека САД „сакаат да видат“ промена на режимот на Куба.

Администрацијата на Трамп го зголемува притисокот врз Хавана, обидувајќи се да ја прекинат испораката на нафта. Куба се снабдува со нафта од Венецуела, но по американското апсење на поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро, нарушена е испораката.

САД минатата недела се закани со зголемување на царините за државите кои извезуваат нафта во Куба, со образложение дека Хавана претставува „исклучителна закана“ поради тоа што им пружа засолниште на „непријателските држави и злонамерни актери и нивните воени и разузнавачки капацитети“.

- Куба не претставува закана по САД. Не е агресивна, не е непријателски расположена. Не крие и не спонзорира тероризам … Доколку САД сакаат соработка во борбата против трговијата со дрога, Куба може да помогне. И претходно сме помогнале и можеме да продолжиме да помагаме, со оглед на трговијата што се одвива во регионот, истакна Косио.

Тој ги повика САД да ја ублажат кампањата на притисок, бидејќи „економската принуда што ја трпи Куба е еднаква на воена состојба“.

Куба се соочува со постојани прекини во снабдувањето со електрична енергија и недостиг на бензин. Кубанските власти за таквата состојба ги обвинуваат постоечките американски економски санкции, додека критичарите наведуваа дека тоа е поради недоволното вложување во инфраструктурата.

Трамп, претходно, изјави дека Куба може да го избегне целосниот прекин на снабдување со нафта ако се постигне договор, кој би вклучувал враќање на одземениот имот на кубанските бегалци, кој ја напуштија земјата по револуцијата во 1959 година.

Американскиот претседател пред четири дена најави дека и Мексико ќе ја прекине испораката на нафта за Куба. Но, Мексико вчера изјави дека договорот со Куба сè уште е во сила, и оти бара алтернативни начини да и помогне на Хавана да ги избегне последиците од американските царини. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk