logo
logo
logo

Копилотот од „Флајдубаи“ сакал да го убие пилотот, а потоа да го урне авионот врз аеродромот во Тел Авив

Vecer | 05.10.2026

Копилотот од „Флајдубаи“  сакал да го убие пилотот, а потоа да го урне авионот врз аеродромот во Тел Авив

Копилотот кој минатата недела со секира го нападна капетанот на авион на „Флајдубаи“ (Flydubai) и се обиде да ја преземе контролата врз леталото, имал намера да го урне авионот врз меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив, објавија израелските медиуми, повикувајќи се на информации од истрагата.

Според извештаите на израелскиот Канал 12 и порталот „Ynet“, 29-годишниот државјанин на Оман, Хамам ал-Хамами, наводно им рекол на истражителите дека, откако ќе го елиминирал капетанот, планирал да го продолжи летот како ништо да не се случило. Израелските медиуми тврдат дека неговата намера била да ги добие сите неопходни дозволи за слетување и – дури во фазата на завршен пристап – да го урне „Боингот“ врз зграда или авион на аеродромот.

Со тоа, на израелските власти би им останало многу малку време да сфатат што се случува и да реагираат.

Според истите извештаи, истрагата открила дека Хамами не постапил импулсивно. Во последните месеци, тој повеќе пати слетал на аеродромот „Бен Гурион“ како член на екипажот; за време на една посета во јуни, наводно детално го проучил аеродромот и се подготвувал за напад.

Првично планирал да го изврши нападот уште во јули, но се откажал од идејата во последен момент бидејќи меѓу членовите на екипажот бил и еден негов пријател.

Одлучил да ја чека следната можност. Канал 13 објави уште еден детал од истрагата. Според нивниот извештај, Хамами им кажал на истражителите дека намерно барал работа во авиокомпанија што лета за Тел Авив и дека токму поради тоа ја избрал „Флајдубаи“ (Flydubai).

Израелските истражители сè уште лично не го испрашале Хамами. Канал 12 наведува дека информацијата му била пренесена на Израел од саудиски и емиратски истражители, па затоа деталите од неговата изјава сè уште не се официјално и независно потврдени. Тој побарал од пилотот да се помоли, а потоа го нападнал.

Нападот се случи на 30 септември, за време на летот FZ1073 од Дубаи до Тел Авив.

Капетанот на авионот, Смит Мачхар , Индиец, раскажал дека копилотот ненадејно го нападнал од зад грб, околу пет минути откако побарал дозвола да се помоли. Хамами го удрил со секирата за итни случаи што се чувала во пилотската кабина.

Иако тешко повреден, Мачхар успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина. Тоа им овозможило на членовите на екипажот и на патниците да влезат и да го совладаат напаѓачот. За време на борбата, авионот преминал во стрмно понирање.

Според податоците од „Flightradar24“ анализирани од „Ројтерс“, леталото изгубило повеќе од 16.000 стапки – или речиси пет километри – висина за нешто повеќе од 30 секунди.

Откако капетанот успеа да ја отвори пилотската кабина, неколку патници го совладаа Хамами, а контролата врз авионот потоа ја презедоа двајца пилоти кои се наоѓаа во авионот како патници. Авионот беше пренасочен кон Табук, Саудиска Арабија, каде што безбедно слета. Во авионот имаше повеќе од 170 патници и членови на екипажот, главно Израелци. Никој од патниците не загина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk