Кина постигна значаен успех во својата вселенска програма, откако првпат успешно го врати првиот степен од ракета и го спушти на копно по утринското лансирање, што претставува нов чекор кон развој на повеќекратно употребливи ракети. Според кинеските државни медиуми, ова е второ успешно враќање на ракетен степен во земјата, откако во јули првиот степен од друга ракета беше спуштен на платформа на море, објави АП.
Првиот степен е најголемиот и најдолниот дел од ракетата, во кој се наоѓаат моторите и горивото потребни за почетната фаза од летот. Откако ќе го потроши горивото и ќе се одвои од остатокот од ракетата, овој дел вообичаено се отфрла, но кај повеќекратно употребливите ракети се враќа контролирано на Земјата за повторна употреба.
Ракетата се врати на копно
Според кинеската државна агенција „Синхуа“, повеќекратната ракета „Џуќуе-3“ беше лансирана утринава, а нејзиниот прв степен по одвојувањето успешно се врати на земјата.
„Синхуа“ наведува дека Кина при ова слетување првпат употреби склопливи ногарки за приземјување. Станува збор за носачи кои се отвораат пред допирот со земјата и ѝ овозможуваат на ракетата да се спушти.
Важноста на повторното користење на ракетите
Можноста за повторно користење делови од ракетата е важна бидејќи може значително да ги намали трошоците за вселенските летови. Наместо големите и скапи делови од ракетата по секое лансирање да се фрлаат, тие контролирано се враќаат на Земјата и можат повторно да се употребат.
Американските компании „Спејс екс“ и „Блу Ориџин“, во сопственост на Илон Маск и Џеф Безос, изведуваат такви маневри уште од 2015 година. Со повторната употреба на опремата се намалуваат трошоците за новите лансирања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата