ВИДЕО| КИМ ЏОНГ УН ПРЕКУ НОВИОТ МОСТ ПРИСТИГНА ВО КИНА: Посетата има големо политичко и економско значење за двете земји

Vecer | 24.10.2026

ВИДЕО|  КИМ ЏОНГ УН ПРЕКУ НОВИОТ МОСТ ПРИСТИГНА ВО КИНА: Посетата има големо политичко и економско значење за двете земји

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пристигна во Кина преку новоотворен мост со оваа соседна земја, изјави претставник на јужнокорејската влада, објави Ројтерс.

Ким пристигна во Дандонг преку „Новиот мост на реката Јалу“, кој ги поврзува Северна Кореја и Кина, изјави претставникот, кој сакаше да остане анонимен бидејќи не е овластен јавно да зборува за ова прашање.

Кинескиот премиер Ли Ќанг се сретна со Ким во пограничниот град, изјави друг јужнокорејски претставник запознаен со случајот, кој исто така побара анонимност бидејќи не е овластен да дава изјави за медиумите. Посетата на Ким се случува еден ден пред годишнината од вклучувањето на Кина во Корејската војна (1950–1953 година).

Се очекува Ким да се врати во Северна Кореја по денешната посетаа, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“. Јужнокорејски претставник запознаен со ситуацијата изјави за „Ројтерс“ дека е малку веројатно Ким да го посети Пекинг пред состаноците на високо ниво на Комунистичката партија на Кина, кои започнуваат во понеделник.

Министерството за надворешни работи на Кина не одговори веднаш на барањето за коментар.

Кина и Северна Кореја овој месец, по долго одложување, го отворија „Новиот мост на реката Јалу“ – објект долг 3 километри кој претставува нивен најзначаен копнен граничен премин. Целта е да се оживее трговијата и економската размена по години на затегнати односи и пореметувања предизвикани од пандемијата.

Сегашната посета на Ким е во согласност со тековната фаза на поблиски економски врски и почести средби на високо ниво меѓу Кина и Северна Кореја, вели Лу Чао, експерт за односите меѓу Кина и Северна Кореја од Академијата за општествени науки во провинцијата Љаонинг – кинески владин истражувачки центар со седиште во Шенјанг.

„Отворањето на мостот реши сериозно тесно грло во трговската логистика меѓу Кина и Северна Кореја“, вели Лу. „Со ублажувањето на логистичките пречки, веројатно е дека билатералната трговија дополнително ќе се зголеми.“

Се очекува мостот да овозможи транспорт на тешка опрема, суровини и енергетски производи кои ѝ се потребни на Северна Кореја за развој. Отворањето е најнов знак за затоплување на односите меѓу Пекинг и Пјонгјанг, по двата самити на нивните лидери одржани во изминатите 13 месеци. Последната позната посета на Ким на Кина била во септември 2025 година, по повод прославата на 80-годишнината од Денот на победата во Пекинг, кога тој одржа самит со кинескиот претседател Си Џинпинг. Си остварил државна посета на Северна Кореја во јуни.

„Ким даде свој печат на билатералната трговија преминувајќи го Новиот мост на реката Јалу за да влезе во Кина“, изјави Кристофер Грин, експерт за Кореја од Универзитетот Лајден во Холандија. „Тој мост повеќе од една деценија беше симбол за тоа колку можат да станат дисфункционални билатералните односи.“

Кина, која се бореше на страната на Северна Кореја во Корејската војна, е главниот економски и дипломатски поддржувач на Пјонгјанг и преку неа се одвива најголемиот дел од официјалната трговија на земјата. Сепак, Северна Кореја се приближи кон Русија откако Москва ја започна целосната инвазија врз Украина во 2022 година, што, според аналитичарите, ја намали зависноста на Пјонгјанг од Пекинг.

Американскиот претседател Доналд Трамп имаше силна желба повторно да ги активира разговорите со Северна Кореја, но американските и јужнокорејските претставници сметаат дека шансите тој да се сретне со Ким оваа година се сè помали, објави Ројтерс во петокот.

Следниот месец Кина ќе биде домаќин на самитот на форумот за Азиско-пацифичка економска соработка во Шенжен, на кој се очекува да присуствува и Трамп.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk