logo
logo
logo

Иран со закана по најавите на САД за најсериозни санкции досега: Ќе одговориме разорно

Vecer | 21.08.2026

Иран со закана по најавите на САД за најсериозни санкции досега: Ќе одговориме разорно

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека ќе ги објави деталите за новите мерки во понеделник. Тој ги најави „најтешките санкции во историјата“ и рече дека САД ќе се обидат економски да го изолираат Иран, вклучително и вршење притисок врз земјите и компаниите што продолжуваат да соработуваат со Техеран, пренесе Индекс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно предупреди дека секоја земја што ќе му обезбеди на Иран „каков било вид поддршка за преживување“ ќе се соочи со сериозни економски последици.

„Одговорот ќе биде силен и разорен“

Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајор Али Абдолахи, изјави дека одговорот на Иран ќе биде сеопфатен.

„Со подготвеност на копно, море, во воздух, воздушна одбрана и сајбер-простор, иранските вооружени сили ќе одговорат на новите закани од непријателот силно и разорно“, рече Абдолахи, според иранските медиуми.

Иран е под речиси континуирани санкции на САД уште од Исламската револуција во 1979 година, но администрацијата на Трамп сега најавува многу поширок притисок врз иранската трговија, финансиските текови и земјите што продолжуваат да му помагаат на Техеран.

Калибаф: Мора да најдеме начин да ги надминеме санкциите

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф, кој игра важна улога во преговорите со САД, за време на посетата на Ирак изјави дека Иран мора да подготви план за соочување со нови санкции.

„Мораме да направиме планови за справување со неправедните санкции за да можеме да ги надминеме“, рече Калибаф.

Тој оцени дека САД и Израел заклучиле дека не можат да го победат Иран во директен воен конфликт, па затоа сега, според него, посегнуваат по економска и „когнитивна“ војна.

Калибаф, исто така, повика на зајакнување на економските односи меѓу Иран и Ирак и поголема употреба на националните валути во меѓусебната трговија со цел да се намали зависноста од американскиот долар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk