Сега доказите стануваат појасни: САД, чија морнарица патролира низ теснецот, ја зацврстуваат својата позиција, додека Иран губи значителен дел од контролата врз оваа витална поморска рута, пренесува Си-Ен-Ен (CNN).
Според податоците на „Кплер“ (Kpler), компанија што ги следи пловилата преку транспондери и сателити, повеќе од 80 проценти од преминот низ Ормускиот теснец во изминатите две недели се одвивал по рутата кај Оман.
Станува збор за бродска рута одобрена од ОН, на која Иран силно се противи. Иран инсистира на контрола врз теснецот и има нападнато десетици пловила што се обиделе да поминат покрај северниот брег на Оман. И покрај овој ризик, повеќето бродови во последно време ги игнорираат барањата на Иран и минуваат низ теснецот под ветената заштита на американската морнарица.
„Сè укажува на тоа дека Иран ја изгубил контролата врз теснецот, барем делумно“, изјави Хомајун Фалакшахи, виш аналитичар за сурова нафта во „Кплер“.
Ова претставува целосен пресврт во однос на ситуацијата пред еден месец, кога „Kpler“ не забележа речиси никаков сообраќај по оманската рута.
Остриот пад на сообраќајот на рутата што ја претпочита Иран го спречи Техеран да наплаќа транзитни такси – нешто што се обидуваше да го направи во текот на пролетта. Иако Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран истече оваа недела – што теоретски би му овозможило на Техеран повторно да започне со наплата на такси – податоците на „Kpler“ покажуваат дека тие не успеваат во тоа.
„Повеќето актери од Блискиот Исток ниту се согласуваат, ниту го спроведуваат барањето на Иран за транзитни такси. Токму затоа оманската рута е најлогичното решение“, изјави Ден Пикеринг, основач и главен директор за инвестиции во „Pickering Energy Partners“. Кувајт, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ангажираат супертанкери (VLCC) за транспорт на нафта од Персискиот Залив низ Ормускиот Теснец.
Потоа, тие ја префрлаат нафтата на танкери на купувачите надвор од опасната зона, во Оманскиот Залив, според зборовите на Енди Липоу, претседател на „Lipow Oil Associates“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата