Голем пожар во близина на мистериозната Област 51 во Невада

Vecer | 31.07.2026

Голем пожар во близина на мистериозната Област 51 во Невада
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Голем шумски пожар во близина на „Областа 51“ (Area 51) – таен објект на Военото воздухопловство на САД во Невада – брзо се шири, а засега е ставен под контрола само седум отсто од пожарот, соопшти американското Биро за управување со земјиштето (BLM).

Пожарот, наречен „Квејл Спрингс“ (Quail Springs), настанал од удар на гром и гори веќе речиси една недела. Досега се зафатени повеќе од 54,6 квадратни километри. Неговото ширење е поттикнато од непристапниот терен, високите температури и сувите ветрови. За ова подрачје сè уште е на сила предупредување за екстремни горештини, кое ќе важи најмалку до недела, а во блиска иднина не се очекуваат врнежи.

Од BLM соопштија дека пожарот во моментов не претставува закана за домовите или јавните површини, иако жителите на малото место Рејчел се предупредени за чадот.

Пожарот се шири низ Полигонот за тестирање и обука во Невада (NTTR) – воена зона затворена за јавноста, пренесува Би-би-си.

Овој воен комплекс се наоѓа во близина на „Областа 51“ (Area 51), која била формирана за време на Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз како објект за тестирање и развој на воздухоплови. Она што се случува внатре во „Областа 51“ и денес останува строго чувана тајна.

Пристапот за јавноста е забранет, а забраната се спроведува преку предупредувачки знаци, електронски надзор и вооружени чувари. Токму таа таинственост со децении поттикнува бројни теории на заговор – од кои најпозната е тврдењето дека во базата се чуваат вонземјани чии вселенски летала наводно се урнале на Земјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk