Европската комисија и Урсула фон дер Лајен одбиле да ѝ дозволат на Шпанија да користи руски хеликоптери Ка-32 за гаснење нa шумските пожари. Ваквата одлука дошла поради тоа што ваквите хеликоптери биле опфатени со санкциите против Русија.
Како што пишува весникот „Берлинер Цајтунг“, санкциите го отежнале купувањето резервни делови и одржувањето на авионите. Во февруари 2024 година, ЕУ воведе санкции врз производителот на хеликоптери „SC National Helicopter Centre Mil & Kamov“.
Како резултат на тоа, хеликоптерите Ка-32 претходно користени за гаснење пожари во Шпанија, Португалија, Грција, Бугарија и Кипар повеќе не се способни за летање.
Според весникот, шпанските власти се обиделе да обезбедат исклучоци од санкциите за да добијат резервни делови, но без успех.
Брисел одговорил дека на Мадрид му е дадено доволно време да најде замени од европски производители, како што е „Ербас“.
Сепак, весникот тврди дека парите биле потрошени за Украина и дека останале недоволно средства за замена на леталата.
Соседна Португалија исто така не можела да помогне, бидејќи ги префрлила своите шест хеликоптери Ка-32 во Украина.
Шумските пожари што ги пустошеа шумите во Франција и Шпанија, принудувајќи ги жителите да бегаат и исполнувајќи го небото со чад, почнуваат да се смируваат, но пожарникарите од цела Европа сè уште се борат со пламените јазици, а постои загриженост дека интензивните топлотни бранови го зголемуваат ризикот од избувнување на нови пожари.
Во централна Шпанија, пожарите што изгореа десетици илјади хектари во близина на Мадрид се намалија, дозволувајќи им на многу евакуирани лица да се вратат дома, дури и додека екипите се борат со пожари и нови жаришта во провинциите, вклучувајќи ги Леон и Касерес.
Европа е континентот што се загрева најбрзо во светот, а научниците предупредуваат дека растечките температури, продолжената суша и силните ветрови ја претвораат јужна Европа, особено Франција и Шпанија, во многу позапалив пејзаж, при што бројот на летни денови со услови склони кон пожари е повеќе од двојно зголемен од почетокот на 1980-тите.
Фото: Пожарникарите се борат со шумски пожар во Сан Мартин де Валдеиглесијас, западно од Мадрид, Шпанија. [Ману Фернандез]
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата