Украински дронови го погодија срцето на руската онлајн трговија. На удар се најде „Вајлдберис“, најголемата руска платформа за интернет-продажба, позната како „рускиот Амазон“, чија логистичка мрежа претрпе сериозни оштетувања. Во серијата напади во изминатите две недели, погодени биле 12 од 15-те најголеми складишта на компанијата, а седум од нив сè уште не ја обновиле работата.
Според проценките, Вајлдберис изгубил најмалку 15 проценти од своите складишни капацитети, а директната штета на инфраструктурата се проценува на околу 650 милиони евра. Дополнителен удар би можеле да почувствуваат и илјадници продавачи чии производи биле складирани во погодените центри, со потенцијални загуби поголеми од 3 милијарди евра.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека погодените логистички центри учествуваат во снабдувањето на руската војска со компоненти за дронови, навигациска опрема и друга воена техника. Кремљ ги отфрли овие тврдења, но украинските власти наведуваат дека прекинувањето на логистичките канали е само една од целите на нападите.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак изјави дека нападите имаат и економска цел – да се нанесе удар врз компанија чиј промет надминува 67 милијарди евра годишно и врз банките што ја финансираат. Според него, тоа би можело да изврши дополнителен притисок врз рускиот државен буџет и да предизвика незадоволство кај деловната заедница.
„Вајлдберис“ е најголемата платформа за е-трговија во Русија со околу 45 проценти удел на пазарот, додека нејзиниот главен конкурент „Озон“ има околу 32 проценти. По воведувањето на западните санкции, двете компании значително го зголемија својот обем на работа преку т.н. паралелен увоз.
Според анализите, големите логистички центри на „Вајлдберис“ претставуваат лесна цел за напади со дронови, а компанијата истовремено се соочува и со високо задолжување. Ројтерс објави дека косопственичката Татјана Ким побарала помош од руската влада, која засега соопштува дека ја следи ситуацијата, но сè уште нема донесено конкретна одлука.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата