Во изјава по состанокот на кабинетот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека 16 лица ги загубиле животите, а 13 се повредени – од кои двајца потешко – во експлозија во фабрика за железо и челик во Измир, пренесува агенцијата Анадолија.
Тој изјави дека одговорните за каква било небрежност во Измир ќе сносат одговорност.
Претходно, тој добил извештај за несреќата од министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи и министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, кои отпатуваа во Измир.
Според „ТРТ Хабер“, во Измир пристигнал и министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Ишикхан. Тој најави дека Институцијата за социјална сигурност назначила главен инспектор за истражување на околностите под кои се случила несреќата.
Министерот за правда, Акин Ѓурлек, изјави дека е започната истрага и дека на случајот се ангажирани четворица обвинители од Јавното обвинителство во Менемен.
Турските власти изразија сочувство до семејствата на жртвите и посакаа брзо закрепнување на повредените, напоменувајќи дека спасувачките операции се во тек, а околностите околу несреќата се истражуваат. Експлозијата се случила за време на леење на стопен челик.
Експлозијата се случила денеска околу пладне во погон на компанијата „Хабаш“ во областа Бозкој, предизвикувајќи пожар и густ чад над фабриката.
Противпожарните екипи го изгаснаа пожарот, додека на местото на настанот беа испратени полиција, медицински персонал и спасувачки тимови.
Според првичните информации, до експлозијата дошло за време на леење на стопен челик, кога кран се откачил и паднал во електрична печка.
Во соопштение од регионалните власти се наведува дека осум работници останале заробени под урнатините, поради што спасувачките екипи започнале интензивна операција за нивно пронаоѓање.
Повредените се пренесени во блиските болници, а едно лице со хеликоптер е префрлено во болница во Измир. Компанијата Хабаш соопшти дека несреќата се случила за време на планирани работи за одржување на една од печките со електричен лак, додавајќи дека повредените добиле итна помош и биле пренесени во болници.
Извор: Б92
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата