Советникот на украинскиот претседател за технолошки прашања, Сергеј Бескрестнов, познат под прекарот „Флеш“, упати драматично предупредување до граѓаните на Украина за нов бран руски воздушни напади чии примарни мети ќе бидат најголемите трговски центри, мега-маркети и складски комплекси низ целата земја.
Бескрестнов посебно го истакна синџирот трговски центри „Епицентар“, кои освен продажни салони поседуваат и огромни складишта. Според неговите зборови, руските сили нема да трошат скапи балистички ракети или десетици дрони за да гаѓаат мали населски продавници, туку ќе ги користат за уништување на најголемите трговски мрежи каде што штетата е најголема.
Она што е уште поалармантно во неговото предупредување е брзината со која новите руски проектили пристигнуваат до метите. Додека во минатото граѓаните по звукот на сирените за воздушна опасност сметаа дека имаат барем 10 минути за мирно да пазарат и да го напуштат објектот, Бескрестнов нагласува дека таа логика повеќе не важи. Поради сè почестата употреба на балистички проектили и нови брзи млазни дрони, од моментот на сирената до можниот удар поминат само минута до две, или најмногу пет минути во зависност од градот.
Тој апелираше до сите граѓани кои ќе се најдат во големи трговски центри веднаш, уште во првата минута од огласувањето на алармот, да го напуштат објектот и да побараат засолниште без никакво одложување.
Како директна причина за оваа ревизија на ризикот, „Флеш“ ги посочи нападите врз Одеса, каде беа погодени два големи објекти на „Епицентар“, при што изби катастрофален пожар кој пепелоса над 35.000 квадратни метри. Нагласено е дека ова предупредување не важи само за градовите близу линијата на фронтот, туку и за престолнината Киев и сите други региони во Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата