Првото дете со неизлечлива болест врз кое е извршена евтаназија во Холандија, откако законот за потпомогнато умирање беше проширен и на децата во 2024 година, имало само една година. Со тоа, ова дете станало најмладото лице во светот врз кое е извршена евтаназија.
Министерката за здравство Софи Херманс претходно во јуни оваа година објави дека дете на возраст под 12 години било подложено на евтаназија поради тешка болест – што претставуваше прв таков случај во земјата.
Новиот извештај на комисијата што ги надгледува сите прекини на бременост во доцната фаза и медицински потпомогнатите смртни случаи кај децата, сега потврди дека детето имало „речиси 24 месеци“ во моментот на смртта.
Тешка здравствена состојба уште од раѓање
Детето било родено предвреме, во 26-тата недела од бременоста, што довело до сериозни компликации, вклучувајќи опсежно оштетување на мозокот и повеќекратни инфекции кои предизвикале сепса до четиримесечна возраст.
На осуммесечна возраст, на детето му биле дијагностицирани Вестов синдром – ретка и тешка форма на епилепсија – како и церебрална парализа. Нападите предизвикувале сериозни нарушувања на сонот, а детето страдало и од респираторни проблеми, напади на кашлица и тешкотии при голтање.
„Немаше никаков развој или подобрување во текот на краткиот живот на детето“, се наведува во извештајот. „Секој аспект на ’човечноста’ – во однос на моторните вештини, однесувањето и личноста – беше сериозно нарушен и не постоеше можност за напредок. И покрај сите медицински и немедицински интервенции, родителите и лекарот не забележаа подобрување на состојбата и беа убедени дека детето трпи неподносливи болки, без изгледи за закрепнување.“
По разгледувањето на прогнозата и опциите за лекување, родителите побарале од лекарот да го прекине животот на детето. Според извештајот, комисијата заклучила дека „лекарот постапил со должна внимателност во дадените околности“.
Без кривично гонење за лекарот
Јавното обвинителство одлучи да не го гони кривично лекарот, објавија холандските медиуми претходно оваа недела. Одлуката уследи по мислењето на комисијата за ревизија, која претходно истиот месец заклучи дека лекарот постапил во согласност со професионалните стандарди. „Како лекар, се наоѓате во исклучително ранлива положба бидејќи вакво нешто претходно никогаш не се случило. Сè уште имам чувство како Дамоклевиот меч да ми висеше над главата речиси цела година“, изјави лекарот.
Холандскиот закон за евтаназија
Доброволната евтаназија – постапка во која медицинско лице го прекинува животот на поединец по негово барање – беше легализирана во Холандија во април 2002 година. Со тоа, Холандија стана првата земја во светот што ја воведе оваа можност. Според официјалната веб-страница на владата, малолетниците можат да побараат евтаназија од 12-годишна возраст, под услов да се способни да проценат и разберат што е во нивен најдобар интерес. За деца на возраст од 12 до 15 години потребна е согласност од родителите или старателите. За млади на возраст од 16 или 17 години, родителите или старателите мора да бидат вклучени во процесот на одлучување, но нивната согласност не е задолжителна.
Во 2024 година, законот беше проширен за да овозможи евтаназија и за деца под 12-годишна возраст, доколку се „смртно болни и трпат неподносливи болки без изгледи за подобрување“. Во такви случаи, лекарот и родителите можат заеднички да одлучат да го прекинат животот на детето. „Оваа одлука секогаш се носи во консултација со родителите и, доколку е можно, со детето“, се наведува на владината веб-страница.
Минатата година во Холандија беа регистрирани 10 341 случај на потпомогната смрт – што ги опфаќа и евтаназијата и потпомогнатото самоубиство. Според податоците од регионалните комисии, тоа претставува зголемување од 3,8 отсто во споредба со 2024 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата