Руските напади врз мостовите преку Дњепар во Киев продолжуваат со зголемен интензитет, а утринава на мета се најде и Северниот мост, каде што се оштетени коловозот и контактната мрежа на тролејбусите. Поради оштетувањата, сообраќајот од левата кон десната обала на украинската престолнина е привремено во прекин.
Ова е трет ден по ред како се вршат удари врз клучната сообраќајна инфраструктура во украинската престолнина, со што целосно се отежнува секојдневниот живот на стотици илјади жители. Градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека службите се на терен, додека граѓаните се соочуваат со огромни доцнења и сообраќаен колапс.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ја потврди штетата и соопшти дека надлежните служби веднаш излегле на терен.
„На Северниот мост се оштетени коловозот и контактната тролејбуска мрежа. Сообраќајот преку мостот од левата кон десната оббала е моментално затворен“, изјави Кличко.
Според првичните информации, во овој напад нема загинати ниту повредени. Меѓутоа, ударот претставува ново сериозно влошување на веќе исклучително тешката сообраќајна ситуација во градот. Претходните два дена на мета беше Јужниот мост – една од главните градски артерии, која по повеќекратните погодоци е целосно затворена, додека сообраќајот на другите премини е строго ограничен.
Граѓаните пеш ја преминуваат реката
Последиците од нападите веднаш се одразија на секојдневието. Повеќе од една третина од жителите на Киев живеат на левата оббала, додека државните институции, бизнис центрите и поголемиот дел од работните места се на десната страна, што значи дека секој прекин на мостовите создава огромни колони.
На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од претходните денови, вклучително и моментот кога млазен дрон експлодираше во близина на носечка конструкција додека преку Јужниот мост минуваше воз од метрото. Дел од јавниот превоз е принудно пренасочен, но поради големите гужви, многу граѓани ги напуштаат возилата и автобусите и се одлучуваат да ја продолжат рутата пеш преку мостовите.
Украинските извори наведуваат дека руските сили во овие напади користат побрзи варијанти на беспилотни летала, додека руската страна тврди дека цел на овие акции се објекти кои се користат и за воена логистика. Со секој нов удар, способноста на Киев да одржи нормална комуникација меѓу двете оббали на Дњепар станува сè попредизвикувачка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата