logo
logo
logo

„Експеримент П“ во француското министерство: НАД 200 ЖЕНИ БИЛЕ ЖРТВИ НА ПЕРВЕРЗЕН ДРЖАВЕН ФУНКЦИОНЕР

Vecer | 21.08.2026

„Експеримент П“ во француското министерство: НАД 200 ЖЕНИ БИЛЕ ЖРТВИ НА ПЕРВЕРЗЕН ДРЖАВЕН ФУНКЦИОНЕР

Застрашувачки скандал ја потресе француската јавност откако беше откриено дека висок државен службеник со години подмолно дрогирал кандидатки за работа. Преку бизарен „експеримент“, тој им ставал диуретици во пијалаците за да ги доведе во понижувачки ситуации за време на интервјуата.

„Бев целосно слаба. Веќе не си ги чувствував нозете“, вели Анаис де Вос. „Бев уплашена и не знаев што се случува“. Во јули 2011 година, Анаис (27) отишла на интервју за работа во француското Министерство за култура во Париз.

Иако обично не пие кафе, љубезно ја прифатила шолјата што ѝ ја понудил нејзиниот испитувач, високиот државен службеник Кристијан Негре. Тој самиот го подготвил кафето, рекла таа, но имало лош вкус и испила само половина. Денес, Анаис е една од речиси 250 жени кои веруваат дека Негре им давал диуретици меѓу 2009 и 2018 година за да ги натера да мократ пред него.

Средбата започнала во канцеларијата, но по неколку минути, Негре предложил прошетка. Додека шетале по улиците на Париз, Анаис почувствувала необјаснива и неконтролирана потреба за мокрење. Му рекла дека мора итно да најде тоалет. „Ме погледна право во очи и рече: 'Ох, мора ли да мокриш?' Се чувствував како дете. Ми беше многу чудно како ме гледаше, речиси со ликување“.

Службеникот ги дрогирал жените

Таа тврди дека ја упатил кон вратата од еден магацин под мостот на Сена и ѝ рекол: „Можеш тука“. Почувствувала дека ситуацијата станува опасна и инсистирала да продолжат. Отишле во Лувр, но влезот во тоалетот чинел еден евро, а таа си го оставила паричникот во министерството. Негре рекол дека ни тој нема готовина. Очајна и во болки, Анаис пронашла кафуле кое ѝ дозволило да го искористи тоалетот. Додека му се приближувала, изгубила контрола и ја намокрила облеката. Подоцна рекла дека единствената утеха ѝ била што тоа се случило надвор од видокруг на Негре. По три часа поминати со него, се чувствувала зашаматено и исцрпено. Не ја добила работата, а инцидентот ѝ ја нарушил самопочитта, поради што во годините што следеле избирала помалку амбициозни работи.

Во 2019 година добила писмо од полицијата. На состанокот дознала дека се смета за една од речиси 200 жени кои Негре наводно ги дрогирал за време на интервјуата за работа. „Бев шокирана, но ми беше драго што знаев дека не сум луда. Нешто наистина се случило тој ден“.

Во меѓувреме, се јавиле десетици други наводни жртви. Полицијата верува дека Негре користел диуретици, лекови кои го стимулираат мокрењето. Истражителите го откриле тоа благодарение на табелата на компјутерот на Негре насловена „Експерименти П“.

Документот содржел време кога жените пристигнувале на интервјуата, моментот кога им биле дадени диуретиците, колку време им требало да побараат да одат во тоалет и каков долна облека носеле.

Сличен шаблон на напади

Истрагата против Негре започнала во јуни 2018 година, кога колега го фатил како фотографира жена под масата. Прво бил суспендиран, а потоа отпуштен во 2019 година.

Обнинителите изјавија дека тој им признал на истражителите дека „ги доведувал жените во понижувачки ситуации“. Уште една жртва во неговите белешки е Мари-Елен Брис, со која интервјуто го правел во Стразбур во 2016 година. Исто така предложил прошетка покрај каналот. Набрзо и таа почувствувала неподнослива потреба за мокрење.

Негре рекол дека знае за јавен тоалет во близина, но тој не постоел.

„Започнав вистински да страдам, болката беше толку силна што побледев и солзи ми течеа низ лицето“, вели таа. Немала друг избор освен да уринира во јавност, а Негре ѝ понудил да ја покрие со својата јакна. „Ми беше страшно непријатно. Не го тргаше погледот од мене“. Со години се срамела, сè додека полицијата не ја контактирала.

Мари-Елен вели дека покрај психолошката траума има и трајни проблеми со мокрењето. „Бев нападната и отруена. За мене тоа очигледно беше сексуален напад“. Прашањето за хемиско потчинување, односно употреба на дроги за контрола врз личност, во Франција го покрена пратеничката Сандрин Жосо.

Психолошка и физичка траума

Таа стана активистка откако сенатор беше прогласен за виновен за ставање екстази во нејзиниот пијалак. Жосо тврди дека државата не направила доволно за да ги заштити жените. Оваа година беше започната пилот-програма која им овозможува на жените да тестираат примероци од крв, урина или коса без да пријават во полиција. Професорот Жан-Клод Алварез, кој ја води програмата, вели дека употребата на диуретици на овој начин е „много необична“ и дека никогаш нема видено ништо слично во неговите 26 години работа како токсиколог.

Поминаа 15 години од инцидентот со Анаис и седум години откако разговараше со полицијата. Таа е фрустрирана од бавното темпо на постапката. Негре, кој има шеесет години, е под официјална истрага за употреба на дрога, нарушување на приватноста и сексуален напад и чека судење. Неговиот адвокат одби да коментира за Би-Би-Си (BBC).

„Сè е тоа вознемирувачко и лута сум поради начинот на кој се постапува со нас“, вели Анаис, која сега има 42 години.

Мари-Елен го опишува чекањето како „секундарна виктимизација“.

Организацијата на ОН за жени вели дека властите мора да направат повеќе бидејќи одложувањата во ваквите случаи им ги уништуваат животите на жените. Француската полиција и владата не одговорија на критиките. Мари-Елен долго молчеше, но повеќе не се срами.

„Немам потреба да се кријам – јас сум жртва. Важно е да се зборува бидејќи тоа им помогна на другите жртви да се идентификуваат и да го пријават злоставувањето. Во светот во кој живееме, неопходно е да се зборува за сексуалното насилство“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk