Раперот Је, попознат како Канје Вест, треба да пристигне во Русија оваа есен, но Кремљ вели дека организирањето на неговата средба со претседателот Владимир Путин не е нивна работа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот беше прашан од новинарите дали постои можност Путин да се сретне со контроверзниот американски музичар за време на претстојната турнеја. Песков веднаш ја отфрли идејата.
„Тоа не е наша тема. Ние не сме Москонцерт, туку претседателската администрација“, изјави Песков за новинарите, како што објави ПОЛИТИКО.
На 10 и 11 октомври, Је треба да одржи два концерта во Газпром Арената во Санкт Петербург, која собира 70.000 гледачи. Ова ќе го направи една од најголемите западни музички ѕвезди што настапуваат во Русија откако Москва започна целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Билетите, чии цени се движеа од 9.000 до 160.000 рубли, односно од 92 до 1.642 евра, беа распродадени за само неколку часа.
Европскиот дел од турнејата на раперот оди многу потешко, потсетува POLITICO.

Велика Британија му забрани влез во април, што предизвика откажување на фестивалот Лондон Wireless, додека во јули беше откажан и словачкиот фестивал каде што требаше да настапи. Неговите концерти во Франција, Полска, Италија и Чешка исто така беа откажани.
Ваквите реакции следеа по години антисемитски и пронацистички изјави. Меѓу другото, Је го фалеше Адолф Хитлер, објави песна со наслов „Хајл Хитлер“ и продаваше производи означени со свастиката.
Но, не се сите во Русија воодушевени од неговото доаѓање.
Конзервативниот пратеник Виталиј Милонов претходно оваа недела предложи Је да изведува традиционални руски песни за време на посетата. Тој додаде дека можеби после тоа раперот ќе престане со своите „одвратни испади“ и ќе стане „нормална личност“.
Кремљ, од друга страна, со години тврди дека искоренувањето на наводно раширениот нацизам во Киев е една од основните причини за војната против Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата