Руското министерство за транспорт соопшти дека поморски дрон погодил танкер во близина на рускиот брег на Црното Море, што предизвикало голем пожар и облак од црн чад. Властите притоа ги затворија плажите во одморалиштето Сочи и во соседната федерална територија Сириус.
Нападнатиот танкер пловел под либериско знаме.
„Сурова нафта гори на отворено во водите на Црното Море. Гаснењето на пожарот ќе започне штом ќе се намали неговиот интензитет и кога бродовите за спасување ќе можат безбедно да му пријдат на танкерот“, соопштија од министерството.
Оттаму додадоа дека е спасен целиот екипаж од 23 члена, сите државјани на Индија.
Русија и Украина оваа година ги засилија нападите врз комерцијални бродови во Црното Море. Вчера беа погодени два брода во ексклузивната економска зона на Бугарија, при што еден потона, а две лица загинаа откако беше нападнат брод со жито покрај брегот на Романија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата