Изградбата на нова деловна зона на просторот на некогашниот нацистички концентрационен логор во близина на австрискиот град Леоберсдорф предизвика бран протести и остри реакции во јавноста. На парцелата каде што за време на Втората светска војна се наоѓал женскиот подлогор „Хиртенберг“, дел од злогласниот комплекс Маутхаузен, денес се планира изградба на ладилници и маркет на трговскиот синџир „Лидл“.

Во овој логор, од септември 1944 до април 1945 година, околу 400 жени (најмногу од Советскиот Сојуз, Полска и Италија) биле принудени да произведуваат муниција за нацистичката армија. Иако археолошките истражувања потврдија дека под земјата има остатоци од логорот, австрискиот Завод за заштита на спомениците одлучи дека тие не се доволни за местото да добие официјална државна заштита.
Покрај историската скрнавење, проектот е проследен и со финански скандал. Земјиштето претходно било во сопственост на фирма поврзана со локалниот градоначалник Андреас Рамхартер, која во 2022 и 2023 година го продала плацот за над 15 милиони евра.
Активистите и историчарите предупредуваат дека со ова се жртвува историското сеќавање заради економски интереси. Од Меѓународниот комитет Маутхаузен порачаа дека е недозволиво да се градат деловни објекти преку коски и рушевини од нацистички логори, додека од „Лидл“ се правдаат дека нивниот објект нема да биде директно на местото на логорот, туку на соседната парцела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата