Европската централна банка предупредува дека забрзаната дигитализација на плаќањата може постепено да ја потисне готовината, иако повеќето компании во еврозоната сè уште прифаќаат банкноти и монети. Готовината сè уште е широко прифатена во еврозоната, но начинот на кој граѓаните плаќаат забрзано се менува. Европската централна банка (ЕЦБ) вели дека ширењето на безготовинските и дигиталните плаќања може да има несакан ефект – постепено потиснување на банкнотите и монетите од секојдневната употреба.
Според најновото истражување на ЕЦБ, 92 отсто од компаниите во еврозоната, особено во малопродажбата, рестораните и хотелите, во моментов прифаќаат плаќање во готово. Сепак, трендот кон дигитално плаќање е очигледен. Од 8.205 анкетирани компании од 21 земја во еврозоната, околу една четвртина инвестирале во безготовински каси, а истовремено го намалиле бројот на места каде што може да се плаќа со банкноти и монети.

Дополнително, 13 отсто од компаниите вовеле каси на кои клиентите самостојно го извршуваат плаќањето. Особено впечатлив е податокот дека 48 отсто од компаниите не овозможуваат плаќање во готово на овие терминали и самопослужни каси. Токму тоа ја загрижува ЕЦБ. Иако компаниите формално можат да продолжат да прифаќаат кеш, неговата употреба станува помалку практична за потрошувачите. Од централната банка предупредуваат дека, доколку готовината постепено се тргне од одредени продажни места, потрошувачите би можеле да почнат да ја доживуваат како непрактичен начин на плаќање.
Со други зборови, готовината може да биде прифатена на хартија, но сè потешко достапна во пракса. Иако 92 отсто од компаниите во анкетата велат дека планираат да прифаќаат готовина и во следните пет години, постојат големи разлики меѓу земјите. Најголема неизвесност има на Кипар, каде што дури 51 отсто од анкетираните компании изјавиле дека можеби нема да прифаќаат готовина во иднина.
Во Грција тој удел изнесува 23 отсто, а во Бугарија 18 отсто. Во исто време, степенот на прифаќање на плаќања со картички остана стабилен, на 88 проценти, во споредба со претходното истражување на ЕЦБ од 2024 година. Во истиот период, бројот на компании што прифаќаат плаќање преку паметен телефон или паметен часовник речиси се дуплираше, од 36 на 68 проценти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата