logo
logo
logo

Седум загинати десетици повредени во стампедо пред храм во Индија

Vecer | 17.08.2026

Седум загинати десетици повредени во стампедо пред храм во Индија

Несреќата се случила во храмот Ашок Дхам во округот Лахисараи во источна Индија. Илјадници верници се собрале да се молат на третиот понеделник од Шраван, еден од најсветите месеци во хиндуистичкиот календар. Периодот, кој трае од јули до август, е посветен на обожавањето на богот Шива и е обележан низ цела Индија со пост, молитви и фестивали за време на сезоната на монсуни.

Локалниот службеник Шајлендра Кумар потврди дека повеќе од десетина луѓе се однесени во владина болница на лекување. Тој додаде дека точната причина за стампедото сè уште се истражува. Според првичните извештаи, електричен кабел се скинал пред храмот околу 6:30 часот наутро, предизвикувајќи паника додека верниците почнале да се растеруваат, плашејќи се од електричен удар.

Новинската агенција „Прес траст оф Индија“ ја пренесува изјавата на Кумар дека под притисок на толпата, дел од заштитната ограда попуштил, по што луѓето почнале да се паѓаат едни врз други.

Несреќи како оваа се чести во Индија за време на религиозни фестивали. Ваквите настани собираат стотици илјади, понекогаш милиони луѓе на мал простор, а безбедносните мерки и контролата на толпата честопати се несоодветни.

Во јануари лани, најмалку 30 лица загинаа кога десетици илјади хиндуси се искапија во светата река за време на фестивалот Маха Кумб, најголемиот религиозен собир во светот. Слична трагедија се случи во 2013 година во државата Мадја Прадеш. Најмалку 115 лица беа згазени или удавени во реката откако меѓу аџиите се појави паника поради гласини за уривање на мост.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk