Овогодишната Нобелова награда за физиологија или медицина им беше доделена на научниците Карл Дајсерот, Петер Хегеман и Георг Нагел за развојот на оптогенетиката – метод што им овозможи на научниците прецизно да ја контролираат активноста на одредени нервни клетки во мозокот со помош на светлина, пренесува CNN.
Едноставно кажано, оптогенетиката функционира како прекинувач за неврони управуван од светлина. Научниците ги прават нервните клетки чувствителни на светлина, а потоа користат светлосни импулси за да ги активираат или да ја запрат нивната активност. Ова им овозможува да набљудуваат што се случува кога одредена група неврони се активира или деактивира и да откријат каква функција контролира таа група.
Ана Ведел, член на комитетот за Нобелова награда, објасни дека овој метод им овозможува на истражувачите да „мапираат кои клетки се одговорни за која функција“ во мозокот.
Од протеин кај алги до невроналниот „прекинувач“
Темелите на овој метод беа поставени преку истражувањата на германските научници Петер Хегеман и Георг Нагел. Тие проучувале протеин чувствителен на светлина, познат како каналродопсин, кај алгите. Подоцна, Карл Дајсерот го применил овој механизам врз нервните клетки. Каналродопсинот може да се внесе во овие клетки, правејќи ги невроните чувствителни на светлина. Кога истражувачите ги изложуваат на светлина со одредена бранова должина, тие можат да влијаат врз нивната активност – ефективно вклучувајќи ги или исклучувајќи ги по желба.
Токму оваа способност им даде на научниците алатка каква што претходно немале: наместо само да ја набљудуваат мозочната активност, тие можеле селективно да активираат одредени неврони и да ги следат ефектите што произлегуваат од тоа. Ова е особено значајно бидејќи мозокот е составен од милијарди меѓусебно поврзани нервни клетки, па затоа е тешко да се утврди која група неврони врши одредена функција кога истовремено се следи активноста на голем број клетки.
Со користење на оптогенетиката, истражувачите можат да се насочат кон специфични невронски кола и да ги проучуваат нивните улоги во процеси како што се памтењето, емоциите и однесувањето. Методот се користи и за истражување на мозочните процеси поврзани со невролошки и психијатриски нарушувања.
Дејвид Пендлбери, раководител на одделот за истражувачка анализа при Институтот за научни информации на „Кларивејт“ (Clarivate), истакна дека оптогенетиката суштински го променила начинот на кој научниците го проучуваат мозокот и нервниот систем:
„Признанието од Нобеловиот комитет го потврдува извонредното влијание на оваа работа, која ја трансформираше невронауката овозможувајќи им на истражувачите прецизно да ја контролираат и проучуваат невронската активност со помош на светлина“, рече Пендлбери.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата