Американската војска потврди дека извршила нови воздушни напади врз цели во Иран, оценувајќи дека станува збор за одбранбена акција преземена како одговор на неодамнешното соборување на американско беспилотно летало.
Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) соопшти дека американските сили во текот на викендот извршија одбранбени напади врз ирански командни центри за радари и беспилотни летала во местото Горук и на островот Кешм.
Според соопштението на ЦЕНТКОМ објавено на социјалната мрежа Икс, нападите се изведени како одговор на агресивни активности на Иран, меѓу кои и соборувањето на американскиот дрон MQ-1 над меѓународни води.
„Американските борбени авиони брзо реагираа и уништија ирански системи за воздушна одбрана, копнена контролна станица и два еднонасочни нападни дрона што претставуваа закана за бродовите што пловеа во регионалните води“, се вели во соопштението.
Од ЦЕНТКОМ велат и дека во операцијата нема повредени американски војници.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да ги штитат американските сили и интереси како одговор на, како што се вели во соопштението, неиспровоцираната иранска агресија за време на тековното примирје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата