Најмалку еден пожарникар загина денеска, а уште три лица се тешко повредени во две силни експлозии на гас во зграда во центарот на Брисел, до кои дојде за време на работа беше оштетен гасовод, јавуваат белгиските медиуми.
Нешто пред полноќ од зградата беа евакуирани околу 100 луѓе, откако изведувачот на работите случајно го оштетил гасоводот, пренесува ВРТ нвс (VRT nws).
Потоа во објектот се случиле две експлозии, изјави портпаролката на компанијата „Сибелга“, Серена Галеоне.
Во експлозиите тешко се повредени уште три лица – двајца вработени во компанијата „Сибелга“, која управува со гасната мрежа, и уште еден пожарникар.
Тие здобиле изгореници, чиј степен сè уште не е познат.
Голем број припадници на спасувачките служби се наоѓаат на лице место, а подрачјето во центарот на Брисел е оградено.
Според зборовите на портпаролката на „Сибелга“, експлозиите не се случиле на местото каде што бил оштетен гасоводот, туку внатре во самата зграда, каде што најверојатно се наталожил гас.
Истекувањето на гасот во меѓувреме е санирано, но во зградата сè уште има гас.
Пожарникарите воспоставија безбедносна зона, а пред нејзиното укинување ќе биде извршена и проценка на стабилноста на објектот.
Инцидентот влијаеше и врз трамвајскиот сообраќај во Брисел, две трамвајски линии привремено не сообраќаа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата