Мекгурк, клучна фигура за политиката кон Блискиот Исток во администрацијата на Бајден, истакнува дека ситуацијата ескалирала по израелскиот напад во Дамаск на 1 април 2024 година, во кој загинал високиот ирански командант Мохамед Реза Захеди. Потоа, Иран почнал да подготвува масовен напад врз Израел.
Бајден бесен на Нетанјаху
Во исто време, односите меѓу Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се влошувале поради војната во Газа и планираната операција во Рафах. Во март 2024 година, Бајден ја означил Рафах како „црвена линија“, иако подоцна им рекол на своите соработници дека мислел на начинот на кој се спроведува операцијата, а не на самата операција.
Тензиите дополнително пораснале по израелскиот напад во Газа во кој загинале седум хуманитарни работници од организацијата „World Central Kitchen“. Мекгурк опишува состанок во Овалната соба на кој видно бесниот Бајден ги прашал своите соработници што треба да му каже на Нетанјаху.
За време на нивниот последователен телефонски разговор, според Мекгурк, Бајден му рекол на Нетанјаху: „Биби, човеку, што по ѓаволите правиш? Дали мислиш дека јас сум Дедо Мраз? Во Израел нема Дедо Мраз, пријателе“. Исто така, му рекол дека може да ја прекине американската воена помош за Израел со еден потег. Нетанјаху одговорил дека Израел ќе се брани и без САД.
Иран лансираше стотици беспилотни летала и ракети
Иран го започна нападот на 13 април. Според Мекгурк, најпрво биле лансирани околу 200 беспилотни летала, по што следеле 30 крстосувачки ракети, а потоа и повеќе од 100 балистички ракети.
САД распоредија авиони, воени бродови и противракетни системи за да го одбранат Израел и ги координираа акциите со Израел и со други земји во регионот. Огромното мнозинство од ракетите и беспилотните летала беа пресретнати пред да ги погодат своите цели. Мекгурк опишува како Бајден и неговите соработници ги следеле брановите од ирански ракети од „Собата за кризи“ (Situation Room). Во еден момент било потврдено дека во воздух се наоѓаат повеќе од 100 балистички ракети, додека американските и израелските системи истовремено почнале да лансираат пресретнувачи.
„Тукушто му го спасив задникот“
Кога станало јасно дека нападот не предизвикал значителна штета, Бајден побарал да разговара со Нетанјаху. „Тукушто му го спасив задникот“, им рекол Бајден на своите соработници, според Мекгурк, додавајќи дека сака Израел да ја запре ескалацијата во таа точка.
Потоа Бајден му рекол на Нетанјаху да ја „прифати победата“ и дека секој евентуален израелски одговор мора да биде осмислен така што ќе го одврати Иран без да предизвика понатамошна ескалација. Нетанјаху не се согласил веднаш, но било одлучено американските и израелските тимови да продолжат со разговорите. Мекгурк тврди дека токму американската воена интервенција овозможила иранскиот напад да заврши без поголеми израелски жртви, а со тоа се намалил и притисокот врз Израел да започне голем контранапад. Текстот во „Атлантик“ е адаптиран според книгата на Мекгурк, „Brink: Inside the Race to Free the October 7th Hostages“.
Извор: Индекс.хр
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата