Ниту една американска агресија против Иран не смее да остане без одговор, предупреди денес портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, наведувајќи дека Техеран се потпира на сопствените способности и не се надева на помош од другата страна.
Багеи на прес-конференција рече дека користењето на дипломатски канали не треба да се толкува како Иран да ги полага своите надежи во која било друга земја, објави Тасним.
„Ние нема да оставиме ниту еден воен напад или агресија без одговор, и тоа го докажавме во пракса“, рече Багеи.
Тој рече дека Иран не е загрижен за внатрешните спорови меѓу американските претставници, но оцени дека Вашингтон „ја лишил дипломатијата од нејзиното значење“.
Тој нагласи дека дипломатијата треба да служи како средство за спречување на тензиите, додека, како што изјави, САД ја користеле како „алатка за поставување заседи и извршување изненадувачки напади“.
„Светот со сомнеж гледа кон американските дипломатски тврдења“, рече Багеи, истакнувајќи дека Иран, со оглед на неговото негативно искуство во соработката со Вашингтон, е особено должен да ги земе предвид минатите настани.
Зборувајќи за прекините во летовите кон САД, Багеи рече дека американската влада треба да модернизира застарена опрема и инфраструктура, наместо да троши пари за купување оружје и „убивање луѓе во Иран“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата