ДЕНЕШНИТЕ ДЕЦА ЌЕ РАСТАТ ВО СОСЕМА ПОИНАКОВ СВЕТ: Европа на нивните баби и дедовци заминува во историјата

Vecer | 15.11.2026

ДЕНЕШНИТЕ ДЕЦА ЌЕ РАСТАТ ВО СОСЕМА ПОИНАКОВ СВЕТ: Европа на нивните баби и дедовци заминува во историјата
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Децата родени во 2025 година ќе се соочат со значително поголем ризик од разорни шумски пожари во текот на својот живот во споредба со генерацијата на нивните баби и дедовци, предупредува нова научна студија.

Според проценките на истражувачите, климатските промени би можеле да доведат до тоа најмладата генерација да помине повеќе од три години дополнително во услови што погодуваат за појава и за ширење шумски пожари, а во некои земји од Јужна Европа овој период би можел да достигне дури шест и пол години.

Студијата, спроведена од осум научници и објавена кон крајот на септември во списанието „Енвајронментал рисрч летерс“ (Environmental Research Letters), анализира колку дена во текот на својот животен век различните генерации ќе бидат изложени на метеоролошки услови што ја зголемуваат опасноста од шумски пожари.

Овие услови вклучуваат комбинација од високи температури, ниска влажност, силни ветрови и долготрајна суша. Ваквите фактори ја сушат вегетацијата, создавајќи средина погодна за палење и за брзо ширење шумски пожари.

Истражувачите предупредуваат дека децата родени денес ќе доживеат значително повеќе денови со висок ризик од шумски пожари отколку луѓето родени во средината на 20 век. Според нивните пресметки, дури 86 отсто од зголемувањето на изложеноста на овие услови во текот на животот може да се припише на климатските промени, додека продолжувањето на животниот век има само занемарливо влијание врз овие наоди.

Јужна Европа е на удар: Хрватска и Португалија се особено загрозени

Најдраматичните последици се очекуваат во средоземниот регион, кој со години се соочува со разорни шумски пожари. Според научните проценки, поединците родени во Хрватска во 2025 година би можеле во текот на својот живот да бидат изложени на 2,5 пати повеќе денови со висок ризик од пожар во споредба со генерацијата родена во 1950 година. Тоа значи дека тие би можеле да поминат вкупно повеќе од пет години од својот живот во услови што погодуваат за појава и за ширење шумски пожари.

Уште понеповолна ситуација се очекува во Португалија. Додека во периодот помеѓу 1950 и 1970 година оваа земја имала просечно 14 дена годишно со висок ризик од пожар, таа бројка до почетокот на следниот век би можела да се зголеми на дури 32 дена. Следствено, децата родени во Португалија во 2025 година би можеле во текот на својот живот да поминат приближно шест и пол години во такви услови.

Важно е да се нагласи дека тоа не значи оти шумите ќе горат во текот на целиот тој период, туку дека во тој временски интервал животната средина ќе биде изложена на комбинација од временски услови што го поттикнуваат појавувањето и ширењето пожари.

Секој дополнителен степен на затоплување носи стотици опасни денови

Научниците предупредуваат дека обемот на идните ризици директно ќе зависи од тоа колку ќе се загрее планетата. За секој дополнителен степен Целзиусов на просечно глобално затоплување, изложеноста на опасни услови во текот на животот би се зголемила за приближно 410 дена во Хрватска, 272 дена во Португалија и околу 270 дена во Чешка.

Истражувањето се заснова на сценарио според кое просечната глобална температура би можела да се зголеми за 2,6 степени Целзиусови до 2100 година. Авторите на студијата посочуваат дека брзото намалување на емисиите на штетни гасови би можело значително да ги ублажи последиците. Според нивните проценки, намалувањето на емисиите би можело да го скрати вкупното времетраење на изложеноста на опасни услови во Европа во просек за 1,3 години, додека во најранливите делови на Јужна Европа оваа разлика би можела да надмине две години.

Европа веќе се соочува со разорни шумски пожари

Овие предупредувања од научниците доаѓаат во време кога европските земји се борат со сè посериозни последици од шумските пожари. Според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), од почетокот на 2026 година до крајот на септември, на европскиот континент изгореле повеќе од 686.000 хектари земјиште.

Површината зафатена од пожари во Европската Унија е речиси двојно поголема од просекот забележан во последните 20 години. Сепак, рекордот поставен во 2025 година – кога во земјите членки на ЕУ изгореа повеќе од 1,07 милиони хектари – сè уште не е достигнат. Меѓу земјите што најтешко настрадаа оваа година беше Шпанија, каде што до 18 август пожарите зафатија речиси 297.000 хектари. Во Португалија до крајот на август изгореа повеќе од 67.000 хектари, додека големи пожари ги зафатија и Франција, Грција и други европски земји.

Истражувачите особено укажуваат на една генерациска неправда: децата родени денес речиси воопшто не придонеле за емисиите на стакленички гасови, а сепак во текот на целиот свој живот ќе го понесат најголемиот товар од сè посериозните последици на климатските промени. Покрај зголемениот ризик од екстремни временски услови и шумски пожари, тие ќе мора да се соочат и со предизвиците на приспособување кон новата климатска реалност.

Сепак, научниците нагласуваат дека иднината не е однапред одредена. Бројот на опасни денови со кои ќе се соочат денешните деца ќе зависи од одлуките што ќе ги донесат државите во наредните години – конкретно, од брзината со која ќе се намалуваат емисиите на стакленички гасови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk