Франција се соочува со сериозен притисок врз јавните финансии, а растечкиот јавен долг, забавениот економски раст и политичката нестабилност сè повеќе ја загрижуваат инвеститорската јавност. Според „Блумберг“, по речиси една деценија под претседателот Емануел Макрон, Франција се претвора во една од најслабите алки во Европската Унија кога станува збор за стабилноста на јавните финансии.
Владата, која нема стабилно парламентарно мнозинство, се соочува со тежок предизвик – да усвои буџет што ќе ги убеди финансиските пазари дека Франција има јасен план за намалување на дефицитот и стабилизирање на долгот. На почетокот на мандатот на Макрон, економската слика била значително поповолна. Владата го либерализирала трудовото законодавство и ги намалила даноците за компаниите. Економскиот раст надминувал два проценти, додека невработеноста и буџетскиот дефицит се намалувале.
Но, последователните кризи значително ја променија ситуацијата. Протестите на „жолтите елеци“ во 2018 година, предизвикани од планираното зголемување на даноците на горивото, ја натераа владата да одвои повеќе од 10 милијарди евра за даночни олеснувања и плаќања со цел да ги смири протестите. Потоа следуваа пандемијата и енергетската криза, кои дополнително го зголемија товарот врз француската држава. Според податоците на Францускиот суд на ревизори, цитирани од „Блумберг“, антикризните мерки и стимулативните програми поврзани со пандемијата чинеле околу 190 милијарди евра во периодот од 2020 до 2022 година.
Дополнителни 72 милијарди евра биле издвоени за мерките поврзани со енергетската криза. Проблемот, според „Блумберг“, е што дел од вонредните расходи не биле доволно брзо укинати, додека политичките поделби го отежнале намалувањето на буџетскиот дефицит. Ситуацијата дополнително се усложнила откако политичката коалиција на Макрон го изгубила парламентарното мнозинство во 2022 година. Предвремените избори во 2024 година дополнително го фрагментирале парламентот, по што одржувањето на владата станало приоритет пред спроведувањето на непопуларните реформи.
Францускиот премиер Себастијан Ле Корнеј ја суспендирал пензиската реформа на Макрон, а продолжен бил и корпоративниот данок кој првично бил замислен како привремена мерка. Францускиот министер за финансии Роланд Лескир признава дека политичките компромиси имале своја цена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата