logo
logo
logo

СИТЕ СТРАВУВААТ ОД НАЈЛОШОТО - Во најава нов бран протести низ Франција!

Vecer | 14.10.2026

СИТЕ СТРАВУВААТ ОД НАЈЛОШОТО - Во најава нов бран протести низ Франција!

Франција се подготвува за нови демонстрации низ целата земја во поддршка на учениците, кои со недели протестираат поради лошите услови за настава. И властите и учесниците стравуваат од ново насилство.

Мобилизацијата, поддржана од синдикатите и од крајно левичарската опозициска партија „Непокорна Франција“, предвидува марш низ Париз со почеток во 12 часот по Гринич, како и протести во други градови.

Новите протести следуваат по демонстрациите во четвртокот, кога повеќе од 70.000 луѓе излегоа на улиците низ Франција, а околу 500 беа уапсени.

Француските власти се надеваа дека ученичкото протестно движење, кое почна кон крајот на септември, почнува да стивнува пред претстојниот училиштен распуст. Учениците натрупуваат контејнери и други пречки за да ги блокираат влезовите во средните училишта, а повремено избувнуваат судири со полицијата.

Вчера биле затворени само 130 од вкупно 3.700 средни училишта во Франција, според Министерството за образование. Сепак, Министерството нагласи дека, иако „бројот на затворени училишта се намалува… насилството се засилува“.

Во инцидент што, најверојатно, не е поврзан со протестите, полицијата вчера уапсила 14-годишен тинејџер во близина на Марсеј, откако директор на училиште за пониско средно образование и еден наставник биле погодени со истрели од ловечка пушка. Двајцата биле ранети.

Министерството за образование соопшти дека вчера, во инциденти поврзани со протестите, биле повредени осум членови на наставниот кадар, претежно во парискиот регион и во градовите Бордо и Лион. Во оваа бројка не е вклучено пукањето, кое полицијата го третира како посебен случај.

Иако повеќето протести се мирни, учениците велат дека се решени да продолжат со притисокот врз владата за да ги реши проблемите со преголемиот број отсутни наставници, дотраените згради, преоптоварениот распоред на часови и другите причини за незадоволство.

– Нема доволно слух за учениците и студентите… ниту за нивните предлози до властите и избраните претставници – вели Лео, 19-годишен студент по графички дизајн во Париз.

Тој додава дека демонстрантите, од кои многумина се малолетни, се „вознемирени од нивото на репресија какво што досега не е видено против ученичко и студентско движење“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk