Бројот на загинати во катастрофалните поплави што го погодуваат Тајланд од средината на септември се искачи на 23 лица, соопшти тајландската влада, додека ситуацијата на терен останува драматична.
Според најновите податоци, во престолнината Бангкок животот го загубиле четири лица, во провинцијата Самут Пракан осум, а во источната провинција Са Каео шест лица. Останатите жртви се забележани во Чантабури, Ајутаја и Сарабури. Поплавите досега погодија 41 провинција, а повеќе од 580.000 домови се под вода.
Бангкок под вода: Народот со кајаци, за 48 часа падна месечен просек дожд
Властите ја прогласија целата територија на Бангкок за зона на катастрофа во сите 50 окрузи. Во престолнината за само 48 часа паднаа неверојатни близу 300 милиметри дожд – количина што обично паѓа во текот на целиот септември. Главните сообраќајници беа целосно потопени, дренажната мрежа колабираше, а за државните службеници беше прогласена дводневна слободна недела.
Најтешко е погоден округот Лат Крабанг, каде што околу 40.000 жители се животно загрозени. Градската управа подготви 233 привремени засолништа, но околу 80.000 жители во најкритичните зони останаа заробени во своите домови, неможејќи да излезат поради водата што достигнува до струј. Поради нарушените синџири на снабдување, полициските кухињи и чамците се мобилизирани за да им обезбедат барем три оброци дневно на настраданите.
Водата почнува да се повлекува, но економската штета е катастрофална
Иако во одредени делови од Бангкок интензитетот на дождот ослабе, а водата почнува постепено да се повлекува благодарение на забрзаното испумпување, ситуацијата во останатите провинции и понатаму е критична, со нови предупредувања за опасност од зголемени водостои на реките и браните.
Според првичните економски проценки, поплавите ќе предизвикаат штета од најмалку 287 милиони евра (11 милијарди бахти). Експертите предупредуваат дека оваа катастрофа ќе го намали годишниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) за 0,3 процентни поени.
Жителите велат дека ова се најлошите поплави во последните неколку години, кои доаѓаат помалку од 12 месеци по разорната „стогодишна поплава“ што го погоди југот на земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата