Инцидент на пистата 18: ТУРСКИ „ЕРБАС“ НАМЕСТО КОН ЈУГ, ТРГНА КОН СЕВЕР

Vecer | 26.10.2026

Инцидент на пистата 18: ТУРСКИ „ЕРБАС“ НАМЕСТО КОН ЈУГ, ТРГНА КОН СЕВЕР

Патнички авион на турската компанија „Пегасус ерлајнс“ минатата недела се обиде да полета во погрешна насока на аеродромот во Франкфурт. Германската контрола на летање го опиша инцидентот како исклучително редок.

Авионот „Ербас А321“, кој требаше да лета за Истанбул, во вторникот почна да полетува на пистата во погрешна насока. Пилотите го прекинаа полетувањето при брзина од околу 65 километри на час, потврди вчера портпаролот на Германската контрола на летање (DFS).

„Тоа не се случува често, особено не во Германија“, рече портпаролот.

Авионот се упатил кон север наместо кон југ. На авионот му било дозволено да полета кон југ од пистата 18 на најпрометниот аеродром во Германија. Сепак, откако влегол на пистата на назначениот пристап, почнал да се движи кон север.

Портпаролот на DFS изјави дека контролорите на летање веднаш ја забележале грешката и им наредиле на пилотите да ја напуштат пистата. Тој нагласи дека немало непосредна опасност бидејќи ситуацијата била ставена под контрола навреме.

Германската контрола на летање го пријавила инцидентот во Федералната канцеларија за истрага на воздухопловни несреќи (BFU). Соопштение стигна и од „Фрапорт“, компанијата што управува со аеродромот во Франкфурт, од каде исто така потврдија дека се случил „инцидент“, но не дадоа дополнителни детали.

Според „Авиејшн Хералд“, седум минути подоцна авионот полетал без проблем во правилната насока, упатувајќи се кон југ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk