Десетгодишно девојче е меѓу тројцата повредени во новиот масовен украински напад со дронови врз Москва и Московската област. Утринава осамнаа видеа од нападот кој предизвика пожари и оштетувања на повеќе локации.
Нападот следува само два дена по големиот украински напад врз Московската област на 16 август. Тогаш беше погоден уште еден магацин на „Вајлдберис“, а во Подолск загина 83-годишен маж.
Русија собори 180 дронови во Московскиот регион преку ноќ, соопшти градоначалникот на главниот град, Сергеј Собјанин, на „Телеграм“ рано утринава, во еден од најголемите украински воздушни напади врз рускиот главен град.
Според Собјанин, синоќа вкупно 620 дронови се насочиле кон регионот околу руската престолнина, а Москва привремено ги ограничува летовите на своите аеродроми.
Повредени цивили
Гувернерот на Московската област, пак, Андреј Воробјов, соопштил дека девојче било повредено во округот Раменское. Дрон паднал врз приватна куќа, а детето добило повреда од шрапнел на раката.
Девојчето било пренесено во болница и е под лекарски надзор.
Уште две лица биле повредени во други делови од Московската област. Жена настрадала од остатоци од дрон во Богородскиот округ, а 27-годишен маж бил повреден во Коломна.
Удар претрпел и магацин на рускиот онлајн-трговец „Вајлдберис“ во Богородскиот округ. Избувнал пожар, а противпожарните екипи интервенирале на местото.
Зоштo „Вајлдберис“ е мета на нападот?
„Вајлдберис“ е најголемата руска платформа за онлајн-трговија и има значајна улога во снабдувањето во земјата. Преку платформата се продава и воена опрема, меѓу која панцири и делови за беспилотни летала.
Европската Унија во јули вовела санкции против банкарскиот огранок на компанијата. Како причина бил наведуван неговиот придонес кон приходите на рускиот државен буџет.
Оштетувања биле регистрирани и на станбени и на други објекти во повеќе населени места во Подмосковјето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата